Министерот за здравство Фатмир Меџити го разреши директорот на Клиниката за кардиохирургија, проф. д-р Сашко Јовев, кардиохирург кој го предводеше тимот кој ја изврши првата трансплантација на срце во државата. Информацијата ја потврди министерот, одговарајќи денеска на новинарски прашања во Гинекологија Чаир, по промоција на новата онлајн услуга за електронска регистрација на новороденче.
Доктор Јовев за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека е на боледување, дека сѐ уште не го добил решението на Меџити и дека оваа одлука за него е нонсенс и со задна намера.
„Веќе нема да има директори кои седат и спијат по пет години, 10 години, немаат никаков резултат. Затоа здравството ни е во ваква амортизирана состојба. Секогаш кога ќе има нерегуларности во работењето и во сѐ другото, јас вака ќе постапам. Ова е само почеток, ќе видите понатаму со мене како министер нема некој да седи шест месеци и да нема извештај за сработеното“, рече Меџити.
На инсистирања на новинарите за тоа што згрешил Јовев, со оглед на тоа дека е наградуван доктор и ја водеше првата трансплантација на срце, тој кажа:
„Тоа е кадар на коалициониот партнер на СДСМ, тие ќе предложат друго име. Нема никој тука засекогаш, бесмртен да биде. Ниту јас, ниту другите, ниту директорите. Здравството е жива материја. Кој нема да сработи, ќе биде отпуштен од функцијата“.
Меџити не ја откри причината за разрешувањето, кажа само дека имало нерегуларности, и дека медиумите тие информации ќе ги добијат од службите.
Кардиохирургот Сашко Јовев лани беше меѓу добитниците на државната награда „Св. Климент Охридски“, највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес во држвата. Преходно ја доби наградата за животно дело „Гемиџиите“ на Општина Велес, а беше и дел од тмиот наградени со „13 Ноември“ на Град Скопје.
Првата трансплантација на срце беше изведена на 23 мај 2020, оттогаш има изведено вкупно осум пресадувања на срце.
Б. НЕСТОРОСКА