МЕНЕ МИ ГИ ФРЛА СКАПАНИТЕ ЈАБОЛКИ КОМШИЈАТА, ЈАС ГИ ФРЛАМ КАЈ ДРУГ, ВЕЛАТ ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ОД ПРЕСПА КОЈА Е ЗАТРУПАНА СО ОТПАД, А КОМПОСТАРАТА НЕ РАБОТИ 10 ГОДИНИ

    МЕНЕ МИ ГИ ФРЛА СКАПАНИТЕ ЈАБОЛКИ КОМШИЈАТА, ЈАС ГИ ФРЛАМ КАЈ ДРУГ, ВЕЛАТ ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ОД ПРЕСПА КОЈА Е ЗАТРУПАНА СО ОТПАД, А КОМПОСТАРАТА НЕ РАБОТИ 10 ГОДИНИПокрај овој био-отпад на депониите и во реката јаболкопроизводителите фрлаат и амбалажи од пестициди со кои ги прскаат јаболката, а кои содржат високотоксични супстанции и други хемикалии.(Фото: СДК.МК)

    Наместо да се компостира, отпадот од јаболка во Преспа завршува на диви депонии и во Голема Река. Покрај овој био-отпад на депониите и во реката ,јаболкопроизводителите фрлаат и амбалажи од пестициди со кои ги прскаат јаболката, а кои содржат високотоксични супстанции и други хемикалии. Честа е појавата земјоделците, чии овоштарници се блиску до реки, да ја мијат опремата за прскање директно во водата, што предизвикува загадување, како и да палат амбалажа од пестициди, со што се создава здравствен ризик поради можноста за формирање на канцерогени диоксини и фурани, особено ако пестицидите содржат хлор. Фрлањето на отпадот од јаболка и цврст отпад во коритото на Голема Река придонесува за сериозно загадување на водата и загрозување на животинскиот свет во строго заштитеното подрачје на Паркот на природата Езерани.

    САКАМДАКАЖАМ.МК посети земјоделци од Преспа кои во разговорот не кријат дека отпадот од јаболките го фрлаат каде ќе стигнат и со тоа ја загадуваат животната средина. Но, велат дека Општина Ресен не им овозможува систем за поедноставно да се ослободат од отпадот од јаболки.

    „Точно е дека сите патишта низ Преспа за затрупани со ѓубре, што со скапани јаболка, што со амбалажа од пестициди. И тој отпад го фрламе ние земјоделците. Мене ми фрла комшијата, јас фрлам кај другиот и така меѓусебе си фрламе сите“, вели 70-годишниот Панде Савевски земјоделец од Преспа.

    Јаболкопроизводителот Панде Савевски вели дека Општината треба да направи систем и да спроведува акции за собирање на отпадот од селата.(Фото: СДК.МК)

    Панде вели дека земјоделците немаат услови, ниту финансиски можности да го носат отпадот на депонијата во Ресен, а пунктови низ преспанските села нема.

    „Далеку е депонијата во Ресен, на сите не им одговара да го носат до таму отпадот. Треба Општината да направи систем и да спроведува акции за собирање на тој отпад од селата. Порано во селата се направија станици за да се фрлаат отпадоци од пестициди, но тоа кратко траеше, за кусо време почнаа да се полнат тие контејнери со сè  и сешто. Самите свесно ја загадуваме природата оти нема дисциплина. Потребен е посериозен систем за собирање, особено за отпадот од пестициди кои се најголем загадувач, тие со врнежи одат во Езерото“, вели Савевски.

    Според податоците на Институтот за комуникациски студии кои во соработка со „Еко герила Преспа“, Македонското еколошко друштво од Ресен, а со финансиска поддршка на Европската унија  ја спроведуваат кампањата  „Преспа, разбуди се за чиста средина“ , низ Преспа има 38 диви депонии со секаков вид отпад. Земјоделскиот отпад, вклучително 8.000–15.000 тони јаболков био-отпад годишно од 74 проценти од земјоделското производство, дополнително ја оптоварува животната средина. Сечењето на јаболкови дрвја создава околу 3.900 тони растителен отпад годишно. Значителна количина на агрохемиски отпад, како 4.050 литри пластични шишиња, 3.950 килограми картонска амбалажа од пестициди и 937 килограми алуминиумски амбалажи од пестициди за време на прскачките сезони, содржат високотоксични супстанции и други хемикалии за заштита на насадите.

    Причина зошто отпадот се фрла насекаде и се создаваат диви депонии е бидејќи жителите во селата немаат доволно информации и едукација за соодветно управување и користење на биоразградливиот отпад. Прекумерната употреба на пестициди и други агрохемиски производи во земјоделството и замената на органските со синтетички ѓубрива ја загадуваат почвата и подземните води. И покрај високото присуство на биоразградлив отпад во комуналниот отпад и големите количини на земјоделски отпад како што се гнили јаболка и исечени гранки, нема функционален систем за нивна селекција и обработка. Тоа создава различни проблеми. Органските киселини раствораат метали и други загадувачи, загадувајќи ја почвата и подземните води околу постоечките депонии. Тие предизвикуваат силна миризба и привлекуваат инсекти и глодари кои можат да пренесуваат болести, а емисиите на метан од распаѓање значително придонесуваат за глобалното затоплување. Од друга страна, биоразградливиот материјал содржи материи корисни за растенијата, кои се неповратно изгубени при депонирање.

    Низ Преспа има 38 диви депонии. (Фото: СДК.МК)

    Но, и оние јаболки што се фрлаат на депонијата во Ресен со која управува ЈКП „Пролетер“ не се компостираат бидејќи компостарата десетина години не работи. Директорот на ЈКП „Пролетер“ Марчел Русу вели дека во нареден период ќе се работи на обнова на компостарата.

    „Таа не работи околу 7-8 години, не можам да кажам зошто не работи и зошто е стопиран процесот. Са надевам дека наредна година ќе почне да работи и работиме на тоа преку проект за меѓуграничка соработка со Грција“, вели Русу.

    Тој смета дека како јавно претпријатие изминативе три и пол години многу направиле да се подобри состојбата со фрлање на јаболка и создавање диви депонии, со тоа што земјоделците бесплатно можат да го носат отпадот на депонијата во Ресен.

    „Сега ја нема сликата кога јаболки пливаа во Езерото оти цената на индустриското јаболко не е еден денар туку 8 денари и сега самите земјоделци го селектираат и го продаваат. Се надевам дека ќе се задржи трендот за висока цена на индустриското јаболко. Изминативе три години ги отворивме вратите бесплатно физичките лица да го одлагаат отпадот, но свеста на луѓето е мала. Имаат отворени врати, а пак го фрлаат ѓубрето и создаваат диви депонии“, вели Русу.

    На нашето прашање зошто не спроведуваат акции со механизација да се оди по селата во одредени периоди во утврдени денови и сите земјоделци тогаш да го исфрлат ѓубрето. Русу вели дека досега имале недостаток од механизација.

    „Можеби во наредни фази, ќе одиме по селата со акции, до сега сме немале механизација. Наследив возен парк од 1985-95 година, можете да претпоставите со што располагаме, три возила да се расипат сме целосно блокирани. Немаме магично стапче да поправме сè одеднаш“, додава директорот на ЈКП „Пролетер“,

    Еко активистите од Преспа велат дека отпадот од амбалажата од пестициди е најопасен, но ниската свесност кај земјоделците е причина поради која тој се фрла насекаде. Велат дека мора веднаш да се направи систем со кој тој отпад ќе се фрла во посебни контејнери.

    „Десет години работиме со оваа проблематика и морам да кажам дека ова е голем проблем за овој регион. Насекаде има отпад од пестициди оти сите кои имаат бавчи и овоштарници си го одлагаат во најблиското место кај што ќе најдат. Немање свест е причина за создавање диви депонии. Ние многу често ги чистиме дивите депонии, и за нецел месец пак се создава“ вели Марија Ефтимовска од Еко герила „Преспа“.

    Преспанско Езеро се соочува со еутрофикација и загадување од агрохемикалии, што влијае врз дивиот свет и квалитетот на водата. (Фото: СДК.МК)

    Загадувањето од цврст и биоразградлив отпад е идентификувано како значителна антропогена закана за Преспанско Езеро и неговата околина. Сегашната неповолна еколошка состојба во Преспанскиот регион, особено во врска со езерото, е резултат и на неконтролирана контаминација. Главните закани од земјоделскиот сектор вклучуваат загадување на почвата и езерото, губење на видови и живеалишта, и нарушување на природните заедници преку еутрофикација на езерото. Преспанско Езеро се соочува со еутрофикација и загадување од агрохемикалии, што влијае врз дивиот свет и квалитетот на водата. Загадувањето е предизвикано од прекумерна употреба на пестициди, нерегулирано отстранување на хемиска амбалажа и површински истек на токсични супстанции. Поради зголемените концентрации на хранливи материи, тешки метали и приоритетни супстанции како пестициди, референтните услови за добар статус на водата во Преспанско Езеро се значително надминати Токсичноста на почвата и езерската вода претставуваат сериозни закани за одредени популации на видови. Прекумерната употреба на агрохемикалии исто така има контаминирано делови од почвата и подземните води. За ублажување на влијанијата врз животната средина поврзани со управувањето со отпад, се препорачува имплементација на селекција, собирање, рециклирање и преработка на отпадот.

    А. АНТЕВСКА

     

    МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА И ОВА НА НАШИОТ ЈУТЈУБ КАНАЛ: 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира