МИНИСТЕРКАТА ЗА ФИНАНСИИ МУ СЕ ЗАКАНИ НА ПРАТЕНИКОТ БИТИЌИ ДЕКА ЌЕ ГО ТУЖИ АКО НАДВОР ОД СОБРАНИЕ ПРАША ЗОШТО НА НЕКОИ ПАРТИСКИ НЕПОДОБНИ ФИРМИ НЕ ИМ ГИ ВРАЌА ПАРИТЕ ОД ДДВ И ДО 9 МЕСЕЦИ

    МИНИСТЕРКАТА ЗА ФИНАНСИИ МУ СЕ ЗАКАНИ НА ПРАТЕНИКОТ БИТИЌИ ДЕКА ЌЕ ГО ТУЖИ АКО НАДВОР ОД СОБРАНИЕ ПРАША ЗОШТО НА НЕКОИ ПАРТИСКИ НЕПОДОБНИ ФИРМИ НЕ ИМ ГИ ВРАЌА ПАРИТЕ ОД ДДВ И ДО 9 МЕСЕЦИМинистерката Кочоска-Димитриеска на денешните пратенички прашања се испокара и со Битиќи (Фото:СДК.МК)

    Како и на генералните седници за пратенички прашања, така и на денешната, резервирана само за прашања од пратениците од опозицијата, министрите од Владата се лутеа и се навредуваа од поставеното, до степен министерката за финансии Гордана Кочоска-Димитриеска на прашање зошто доцни повратот на ДДВ дури и 9 месеци кај политички неподобни фирми за власта, на пратеникот Фатмир Битиќи да му се закани со тужба.

    Тој со првото прашање упатено кон неа, побара одговор кога Министерството за финансии ќе обезбеди средства за поврат на ДДВ и на останатите доспеани побарувања на сите компании без политички приоритети и дали конечно ќе се стави крај на оваа практика на доцнење?

    „Ликвидноста на компаниите е клучниот мотор министерке Гордана Кочоска-Димитриеска, што ја движи економијата напред. Ако компаниите не ги добијат навреме средствата што законски им следуваат, ДДВ-то, се случува синџир на негативни последици кои не ги чувствуваат само тие, туку и вработените и нивните семејства. Според информациите што пристигнуваат од разни делови на стопанството, повратот на ДДВ доцни меѓу 6 и 9 месеци, а приоритетот кои фирми ќе добијат во рок, а кои ќе чекаат и ќе се надеваат, односно кој ќе ја добие милоста на Владата, се договара во партиските штабови.  Се прават приоритетни листи, според политичка подобност на компаниите“, рече Битиќи.

    Тоа ја разлути министерката Кочоска-Димитриеска која му се закани на пратеникот Битиќи. Таа го повика истото тоа да го каже надвор од пленарната сала , а не на собраниската говорница која му дава имунитет.

    „Викнете ги надвор од говорницава новинарите, кажете го ова истово за приоритетни листи за поврат на ДДВ и партиски штабови и ќе ви поднесам тужба. Ќе ве тужам, ќе се видиме на суд“, кажа министерката.

    Пратеникот Битиќи по ова излезе на говорницата, ја потсети министерката Кочоска-Димитриеска дека таа денеска е тука со останатите членови на Владата да одговара на поставувани прашања од пратениците, но и дека таа нема имунитет.

    „Вие немате имунитет, па јас сега размислувам дали за заканите што предмалку ги упативте кон пратеник, да ви поднесам кривична пријава. Па еднаш веќе да се научи која функција што значи“, кажа пратеникот и поранешен вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира