МИСИЈАТА НА УНЕСКО ДА ОДИ НА ТЕРЕН И ДА ГИ ВИДИ ДИВОГРАДБИТЕ ОД РАДОЖДА ДО СВЕТИ НАУМ ПА НЕКА ПИШУВА ИЗВЕШТАЈ, ПОБАРАА ГРАЃАНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ

    МИСИЈАТА НА УНЕСКО ДА ОДИ НА ТЕРЕН И ДА ГИ ВИДИ ДИВОГРАДБИТЕ ОД РАДОЖДА ДО СВЕТИ НАУМ ПА НЕКА ПИШУВА ИЗВЕШТАЈ, ПОБАРАА ГРАЃАНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИДа го посетат и колекторскиот систем кој не функционира и околу 150 дивоградби од Радожда до Свети Наум кои се легализираат и дивоградбите во Националниот парк „Галичица“ и врз основа на тие посети да направат извештаи, побараа граѓанските организации од Реактивната мисија на УНЕСКО. (Фото: СДК.МК)

    Надлежните институции пред Реактивната мисија на УНЕСКО презентираа дека нешто е сработено, дека нешто работат, а немаат точни и прецизни податоци што и каде е сработено. На терен ништо не е видливо, реагираат граѓанските организации кои имаа средба со eкспертите од Центарот за светско наследство на УНЕСКО.

    Забелешките на УНЕСКО најмногу се однесуваат на дивоградбите и урбанизацијата во крајбрежниот појас од струшкото село Радожда до Свети Наум во Охрид, урбанизацијата во централното градско подрачје, нефункционирање на колекторот како и дивоградбите во Националниот парк „Галичица“. Невладиниот сектор побарал на лице место мисијата да ги види проблемте а не да верува на она што им се презентира на маса.

    „Сите невладини кои беа на средбата се со ист заеднички став дека ништо не е направено и ништо не е видливо. Ние не го гледаме, а политичарите ни презентираат дека нешто е направено. Им предочивме да одат на терен, а не да веруваат вака во пишани форми само и во лажни извештаи. Да го посетат и колекторскиот систем кој не функционира и околу 150 градби од Радожда до Свети Наум, дивоизградени којшто се легализираат и дивоградбите во Националниот парк „Галичица“ и врз основа на тие посети да направат извештаи. Во спротивно нема ефект од УНЕСКО, нема ефект од сите тие мерки“, вели Никола Киселинов од туристичката асоцијација „Билјана“ од Охрид.

    Мисијата имаше средба со министераката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска како и со градоначалниците на Охрид и Струга, Кирил Пецаков и Рамиз Мерко.

    „Напредуваме во исполнување на препораките на УНЕСКО што го потврдија и членовите на Реактивната мониторинг мисија со кои имаме заеднички интерес да придонесеме за целосна заштита на културните и природните реткости преку чија автентичност ја запечатуваме вредноста на Охридскиот Регион“, рече министерката Костадиновска- Стојчевска.

    Пецаков во неговото излагање ја потенцирал силната посветеност на Општина Охрид за зачувување на светското наследство на регионот.

    „Детално ги инфомирав за сите чекори кои како Локална самоуправа ги преземаме и со временските рамки за реализација на истите. Силно сме посветени и не отстапуваме во спроведувањето на веќе пропишаните правила за зачувување на статусот од УНЕСКО“, кажа Пецаков по средбата која беше зад затворени врати.

    Од Општина Струга соопштија дека се разговарало за моменталната состојба со крајбрежјето и предизвиците со кои се соочува Општината како и кои се најсоодветни чекори за во иднина со цел заштита на крајбрежјето и подобра урбана организација.

    „Целта на средбата беше проценка на моменталната состојба на заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот Регион и споделување на насоки за идните активности за соодветна заштита“, велат од Општина Струга.

    Реактивната мисија по работните средби со сите инволвирани и засегнати институции како и невладини организации ќе изработи Извештај кој ќе биде разгледан на 46. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во јули годинава.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира