МОЖЕ ДА ИМА МАЛИ ПРОБЛЕМИ СО ГЛАСАЊЕТО СО ОТПЕЧАТОК ОД ПРСТ, НО ТЕХНИЧКИТЕ ЛИЦА ЌЕ ПОМОГНАТ, ВЕЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ДИК ДАШТЕВСКИ

    МОЖЕ ДА ИМА МАЛИ ПРОБЛЕМИ СО ГЛАСАЊЕТО СО ОТПЕЧАТОК ОД ПРСТ, НО ТЕХНИЧКИТЕ ЛИЦА ЌЕ ПОМОГНАТ, ВЕЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ДИК ДАШТЕВСКИ„Очекувам проблеми на отворањето, меѓутоа рековме техничките лица ќе помогнат затоа што секој може да се збуни, а после кога ќе се извежба, значи десет избирачи кога ќе поминат веќе тој има рутина“, вели Даштевски за ракувањето со уредите за отпечаток од прср; - Од сумулациата на гласањето. (Фото: МИА)

    Седмите Локални избори почнуваат денеска со гласањето на болните,немоќните и лица болни од ковид-19 и во изолација, како и на затворениците, лицата во притвор, во старечките домови и внатрешно раселените лица. Право на глас имаат 1.824.864 гласачи, што е најмногу од сите локални избори досега и пораст од 10.220 гласачи во однос на изборите во 2017. Ќе се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје.

    Во интервју за МИА, претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски вели дека идеални избори не постојат, но се надева оти овие ќе бидат многу подобри од кои било други досега, бидејќи првпат се воведува гласање со отпечаток од прст.

    „Можеби ќе има некакви проблеми, но ќе спречи најголем дел од нерегуларностите што постоеја кај нас. Затоа и се договорија големите партии да го воведат овој начин на гласање“, вели Даштевски и најавува дека на овие избори резултатите ќе бидат објавени околу или после полноќ, бидејќи ќе се споредуваат.

    Тој вели дека недоверливиот и доверливиот материјал, во којшто спаѓаат и 4.000 уреди за биометриска идентификација, се навреме доставени до општинските изборни комисии и до избирачките одбори, како и дека за спроведување на изборите со уредите се направени три циклуси на едукација на нивните членови. За денот на изборите, на 17 октомври, ќе бидат ангажирани 400 ИТ инжинери и експерти, 320 од ДИК и 80 од компанијата „Дермалог“ од која се набавени уредите, кои ќе се погрижат да се надминат сите евентуални проблеми со нивната примена. На овие избори полицијата првпат постојано ќе ги обезбедува
    доверливиот избирачки материјал токму поради уредите за биометриска идентификација.

    Даштевски нагласува дека е казнив секој обид за манипулација или неправилност или оштетување на уредите за проверување на отпечатоците од прсти на гласачите.

    „Очекувам проблеми на отворањето, меѓутоа рековме техничките лица ќе помогнат затоа што секој може да се збуни, а после кога ќе се извежба, значи десет избирачи кога ќе поминат веќе тој има рутина“, вели Даштевски за ракувањето со уредите за отпечаток од прст.

    Тој ја објасни и постапката за гласање.

    „Кога гласачот ќе влезе на гласачкото место, нели, бидејќи сме со маски треба да ја покаже личната карта на лицето кое е задолжено за тоа и да ја тргне маската за да види дали е тоа истото лице. После следниот чекор е треба да го колектира отпечатокот од прст и ако го најде ќе покаже зелено ако не гласал, ако гласал ќе покаже црвено светло и звучен сигнал. Доколку не може да му го најде отпечатокот тогаш се користи тој МП3 скенер, се става личната карта или патната исправа во него, и бидејќи тој е внатре во податоците, го пронаоѓа. Меѓутоа, за секој случај има и трета опција со матичен број. Тоа е апарат кој има екран од осум инчи и дигитална тастатура. Го впишува матичниот број и тогаш го наоѓа. Меѓутоа, ќе го најде по важечкиот личен документ. И фактички кога ќе го најде тој мора, тоа го прават претседателите и замениците претседатели на избирачки одбори, и истиот човек кој е на екранот да го отколектира прстот, бидејќи тоа после се проверува. Кај нас овде во ДИК овде има специјални брзи скенери кои ги проверуваат брзо податоците и тогаш ќе му дозволи да гласа со неговиот отпечаток на прст. Никако не смее да стави отпечаток од прст друго лице бидејќи веднаш ќе се открие овде кај нас и ќе се поништи гласањето на тоа место, а од друга странатие што го направиле тоа може да сносат и одговорост поради тоа бидејќи тоа не е дозволено“, вели Даштевски и додава:

    „И мора да спомнеме дека мора внимателно да се управува со тие уреди, тоа важи и за гласачите и за членовите на избирачкиот одбор, бидејќи доколку се случи да се оштети или, не дај боже, да се скрши уредот, тогаш постои кривична одговорност, бидејќи се работи за уред кој ги содржи доверливите податоци на луѓето, најдоверливите затоа што никаде на друго место ги нема отпечатоците на прсти, дури ни во Избирачкиот список, така што треба внимателно да се управува бидејќи доколку се случи нешто постои одговорност, бидејќи тоа е оштетување на доверливиот материјал. И тоа треба да го знаат сите, јавноста. Во време на носење или после тоа тие се многу заштитени. Имаат кутии кои се заштита од вода, удар, прашина итн. Фактички нема можност нешто да се случи додека не се извади апаратот од кутијата“.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира