НА МЕСТОТО НА ОПОЖАРЕНИТЕ БАРАКИ НА ЗАВОДОТ ЗА УРБАНИЗАМ И АРХИТЕКТУРА ВО СКОПЈЕ ЌЕ НИКНЕ КАФЕАНА, А НАМЕНАТА НА ЛОКАЦИЈАТА Е ОБРАЗОВАНИЕ

    НА МЕСТОТО НА ОПОЖАРЕНИТЕ БАРАКИ НА ЗАВОДОТ ЗА УРБАНИЗАМ И АРХИТЕКТУРА ВО СКОПЈЕ ЌЕ НИКНЕ КАФЕАНА, А НАМЕНАТА НА ЛОКАЦИЈАТА Е ОБРАЗОВАНИЕИако на оваа локација која е намената за образовна институција се предвидува да никне кафеана од Општина Карпош велат дека не знаат што се гради бидејќи сопственикот има дозвола да врши обновување на објектот кој бил опожарен како што бил порано. (Фото: СДК.МК)

    Кафеана ќе никне на местото на опожарените бараки на Заводот за урбанизам и архитектура на булаверот Партизански одреди во скопската Општина Карпош. Бараките на Заводот се наоѓаат до Институтот за социолошко и политичко-правни истражувања и до средното училиште „Здравко Цветковски“ односно спроти бензинската пумпа на „Макпетрол“. Беа опожарени на 21 април 2017 година.

    Сега на нивно место се гради нов објект односно кафеана, а намената на локацијата според Деталниот урбанистички план (ДУП) на Општина Карпош за овој дел е образование. Објектот е веќе целосно изграден и ја зафаќа истата површина и габарит, но намената ќе му биде спротивна од она што е пропишано.

    Иако на оваа локација која е намената за образовна институција ќе никне кафеана, од Општина Карпош велат дека не знаат што се гради бидејќи сопственикот има дозвола да врши обновување на објектот кој бил опожарен.

    „До Општина Карпош е поднесено техничко решение, согласно член 77 став 1 и став 2 и член 78 од Законот за градење, кои му овозможуваат на сопственикот да врши обновување на објектот кој претходно беше опожарен и враќање во првобитна состојба врз основа на проект за обновување. Во поднесената документација е наведено дека се обновува деловниот простор како што било и претходно. На оваа локација според ДУП-от е предвидено намена образование“, велат од Општина Карпош.

    Од Општина Карпош не кажуваат и не одговорија на нашето прашање кој поднел барање за обновување на објектот, со оглед дека земјиштето каде се наоѓаат бараките кои беа државна институција е во сопственост на Република Македонија.

    На социјалните мрежи веќе на големо се рекламира новата кафеана односно на нивната инстаграм страна секојдневно се споделуваат фотографии и видеа од новата локација на која ќе биде наскоро отворена кафеана која постоеше на друго место. (Фото: СДК.МК)

    На социјалните мрежи веќе на големо се рекламира новата кафеана. На нивната инстаграм страница секојдневно се споделуваат фотографии и видеа од градежните работи и уредувањето на просторот на новата локација на која наскоро ќе биде отворена кафеана што постоеше на друго место. Во дворот веќе се донесени маси и столици.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира