Судијка на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 му го вратила пасошот на осомничениот бизнисмен Орце Камчев, кој беше под мерки на безбедност во истрагата на СЈО „Империја“. Судот не даде одговор дали патната исправа на Камчев му е вратена времено или апсолутно.
СЈО дало дозвола за времено враќање на пасошот на Орце, но дека тоа се случило, најверојатно дознале кога го виделе на телевизија синоќа во публика и на подиумот на ракометниот меч Вардар-Веспрем во Келн.
СЈО во одговорот за САКАМДАКАЖАМ.МК вели:
„На втори мај 2019 година до Специјалното обвинителство е доставен предлог да се даде дозвола за времена патна исправа на осомничениот Камчев. Таа дозвола СЈО ја даде. Но, до денеска од Основниот суд Скопје 1 го немаме добиено решението дека судија на претходна постапка времено му го вратил пасошот на осомничениот. Патем, остануваат мерките за безбедност против него“.
Оттаму, ни СЈО не знае кога му бил вратен пасошот на Камчев, ниту до кога тој ќе може слободно да шета во странство.
Судот не ги кажа причините за враќањето на патната исправа, ниту кога Камчев ќе го врати пасошот назад во суд. Судијата бил на одмор.
Според законот, на осомничени што се под безбедносни мерки, судот, во согласност со обвинителот, за специфични и оправдани причини, кои најчесто се здравствени, им го дава привремено одземениот пасош назад. Тоа се случи и со пратеникот Илија Димовски, обвинет во „Титаник“ на СЈО, кому пасошот времено му беше враќан, како за преглед во Австрија, така и за службени патувања.
На 4 март 2019 година кривичниот совет на Врховниот суд на чело со Јово Вангеловски, ги ослободи и од куќен притвор Јордан Камчев, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ, осомничени во големата истрага на СЈО „Империја“.
Пасошите на Камчев, Јосифовиќ и Панделески се во Основниот суд Скопје 1. За нив не одлучува Врховниот суд. Тие засега остануваат како мерки за обезбедување присуство и осомничените од Основниот суд Скопје 1 ќе бараат нивно евентуално враќање.
Покрај овие четворица, во „Империја“ осомничени се и мајката на Орце Ратка Куноска-Камчева, неговата сестра Кристина Камчева-Стојческа, Владислав Стајковиќ, Зорица Арсовска, Јованче Тасковски, Дејан Јанев, Лилјана Гајдовска, Тодор Мирчевски и Ванче Мијалчев.
Осомничени се за: злосторничко здружување, оштетување или повластување доверители, за перење пари, измама, злоупотреба на службената положба и овластувањата и други дела.
С. К. ДЕЛЕВСКА