Му посакувам сѐ најдобро на Арбен Таравари, ќе го поканам на кафе во Владата и ќе сумираме што сѐ е направено досега, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски и со тоа потврди дека министерот за здравство, кој е од Алијанса за Албанците, излегува од Владата.
На новинарско прашање по посетата на градинка во скопската општина Гази Баба, за преговорите на Таравари со Али Ахмети во врска со претстојните локални избори, Мицкоски рече:
„Јас забележав и мислам дека Таравари и неколкумина околу него се одлучени да се вратат во прегратките на Али Ахмети и ДУИ. Јас можам само да му посакам среќа и се надевам дека ќе имаме една завршна средба следната недела во која ќе сумираме што е тоа што е направено и да му посакам пред сѐ добро здравје. Тоа е она кое што ни е најважно на сите нас. Морам да кажам дека најмалку што очекував е да се врати назад во прегратките на Али Ахмети и останатите, но тоа е сепак негова одлука и убеден сум одлука на малкумина и дека тоа не е одлука на членството на Алијанса на Албанците и на голем дел на луѓето кои се дел од оваа Влада. Чесно и доблесно беше самиот тоа да го направи да не ја влече Владата за нос и граѓаните, но ете полека, но сигурно станува јасно дека тој се враќа назад во прегратката на сите оние кои повеќе од 2 децении ја пустошеа, криминалиизраа и ограбуваа и ја фрлија Македонија на колена“, рече Мицкоски.
Тој рече дека Владата е стабилна и ќе продолжи да работи.
Неколку часа по изјавата на ицскоски, Таравари рече дека „Премиерот Мицкоски во последно време беше и е под голем притисок поради неколку работи и жал ми е што слушам дека и тој станува жртва на овие ‘уверувања’. Единствената вистина е дека ние како партија одлучивме да излеземе со посебни листи на советници на локалните избори“.
„Оваа одлука не беше добро примена од страна на албанската група во Владата и тие покренаа илјада алибија. Ние повеќе не сакаме да бидеме дел од оваа клима на гласини и заговори што е создадена. Овие политичари Албанци што се во Владата, за жал, не можат да се променат, тие се потомци на стариот политички менталитет. Сепак, ќе разговарам лично со г. Мицкоски за јасно и точно да му кажам за нашата одлука“, рече Таравари за ТВ 21.
По превирањата во коалицијата „Вреди“, откако другите три партнерски партии не се согласија Алијанса за Албанците на Локалните избори во октомври да настапи со посебни советнички листи, за 5 мај беше закажана средба Мицкоски-Таравари. Тие го обвинија Таравари дека преговара со лидерот на ДУИ Али Ахмети и дека самиот се исклучил од „Вреди“. Во меѓувреме, трите партии од „Вреди“ (Алтернатива на на Африм Гаши, Беса на на Биљал Касами и Демократско движење на Изет Меџити ) објавија дека коалицијата ќе дејствува како еден политички субјект.
На 4 мај, пред средбата на 5 мај, Мицкоски рече дека е неприфатливо ако Таравари како коалициски партнер во Владата е во договори со ДУИ за настап на претстојните локални избори. Тој кажа дека од средбата на 5 мај сака јасно да слушне дали е точно дека има договор помеѓу партијата на Таравари и ДУИ за во најмалку пет-шест Општини каде што тој ќе оди со кандидати, ДУИ да нема свои предлози за градоначалници. По средбата на 5 мај, од Владата изјавија дека средбата поминала во конструктивен дух, а во текот на месецов ќе се знае иднинатата за функционирањето на Алијанса за Албанците.
Таравари тогаш во Тетово изјави дека останува на одлуката донесена на претседателството на партијата на Локалните избори во октомври да настапат со посебни советнички листи „и најверојатно сопствени кандидати за градоначалници во Општините каде што излегуваат“, но дека ќе го слушне и ставот на премиерот по што ќе проценат како Алијанса ќе продолжи понатаму.
Владата на Мицкоски е формирана од Коалицијата „Твоја Македонија“, Коалицијата „Вреди“ и Движење ЗНАМ – За наша Македонија. Влада има 24 министри, од кои 15 се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата „Вреди“ и двајца од ЗНАМ. Алијанса за Албанците има 2 министерски места – Таравари за здравство и Арбен Фетаи е вицепремиер и министер за добро владеење.
Алијанса за Албанците на Арбен Таравари има 6 пратеници како дел од Коалицијата „Вреди“, која на изборите во 2024 освои вкупно 14 мандати, од кои Движење Беса 2, Демократско движење 3 и Алтернатива 3 пратеници. Со излегувањето на Алијанса за Албанците од владината колаиција, парламентарното мнозинство од 78 пратеници – од кои 58 мандати на ВМРО-ДПМНЕ, 14 мандати на „Вреди“ и 6 на ЗНАМ – се намалува на 72 пратеници.
Б. НЕСТОРОСКА