Обвинителката Фатиме Фетаи вели дека нема ништо спорно во надоместоците што ги земале во СЈО и ги спореди тие исплати со сумите што ги земаат некои пратеници во Собранието. Пред денешното судење за „Монструм“, таа рече дека сумите за надоместоци во СЈО се знаело уште во 2016 година, но тогаш никој не се бунел.
„Платата на обвинителите во СЈО беше 1.300 евра, за 300 евра повисока од обвинителите во другите обвинителства, но ние за таа плата постапувавме пред основните, апелационите и врховниот суд. По однос на надоместоците, тоа се истите надоместоци за кои се збореше од самото формирање на СЈО, дури се зборуваше и за повисоки надоместоци од оние кои ние ги примавме, па никој тогаш не реагираше. Извонредно големата опасност на компромитирање на лицата од разговорите, но и на содржината на разговорите, доверливоста е основен елемент за извршување на функцијата специјален обвинител. Заради обезбедување на доверливост и почитување на принципот на тајност и заштита на приватноста на граѓаните, беа склучени договори меѓу специјалниот обвинител и обвинителите и другите вработени во СЈО и за тоа има основ во Законот за СЈО“, рече Фетаи.
- МЕСТО ДА Е ОБВИНЕТ ВО СУДНИЦА, АНТОНИЈО ДЕЛИ ПРАВНИ СОВЕТИ ЗАТОА ШТО ИСТРАГИТЕ НА СЈО СЕДАТ ВО КУТИИ, КАЖА ФАТИМЕ ФЕТАИ
- НАЈГОЛЕМ КРИМИНАЛ ИСПАЃА ДЕКА СЕ НАДОМЕСТОЦИТЕ ВО СЈО, А ВИЕ СУДЕТЕ ДАЛИ ОБВИНИТЕЛСТВОТО ИМА ХРАБРОСТ ДА ГИ ГОНИ ВИСТИНСКИТЕ КРИМИНАЛЦИ, ВЕЛИ ФАТИМЕ ФЕТАИ
Таа кажа дека износот на надоместоците се одредувал со одлука на специјалниот обвинител и се менувал низ годините.
„Генерално, секој обвинител примил по отприлика 22 илјади евра, што не е многу далеку од примањата за патни трошоци што ги имаат некои пратеници“, кажа Фетаи.
С. К. ДЕЛЕВСКА