Соучениците на 19-годишниот Јован Костадинов од гиманизијата „Ванчо Прке“ од Виница денеска го пречекаа со аплауз и прегратки нивниот другар, кој спаси 21 живот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, Јован по кратко болничко лекување денеска се врати во училиште, а соучениците и професорите му направија изненадување.
„Денешниот настан покажа дека е време да почнеме со некои нови вредности. Вредности во кои ќе се почитува хуманоста, вредности во кои сите млади треба да се идентификуваат со ваквиот херојски настап на Јован. Сите сега сме Јован и велиме сите „И јас сум Јован“, бидејќи тој спаси повеќе од 20 негови врсници. Тој тоа го направи професионално. Јован намокрил маица, се намокрил себеси, влегол во диското и така еден по еден успеал да спаси повеќе од 20 млади животи. Се надевам дека младите од тоа ќе извлечат голема поука. Ќе можат да вреднуваат она што е хумано, вредно и значајно“, вели Радмила Манчевска, психолог во гимназијата „Ванчо Прке“.
Во кочанската дискотека „Пулс“ загинаа 59 лица, меѓу кои и 6 деца, речиси 200 беа повредени, од кои 25 деца.
Како што раскажал Јован во разговорите со наставниците, во моментот на пожарот останал присебен и се сетил што треба да направи благодарение на часовите за прва помош кои неодамна ги имал при полагање за возачка дозвола.

„Ова е колективна траума која така лесно не се надминува, преземавме голем број активности уште првиот ден, на класните часови се работеше со учениците“, вели Радмила Манчевска, психолог во гимназијата „Ванчо Прке“. (Фото: СДК.МК)
Општина Виница за херојскиот потег на Јован ќе му додели плакета за хуманост и херојство како и стипендија за високо образование во вредност од 6.000 денари месечно.
Директорот на Клиниката за токсикологија, д-р Андон Чибишев денеска рече дека Костадинов бил хоспитализиран кај нив 7 дена поради белодробни нарушувања, т. е. интоксикација поради зголемена концентрација на јаглерод моноксид. Сосема добро ја поднел терапијата и од вчера е испишан, и треба да се јавува на редовни контроли, како и сите кои беа повредени во пожарот.
Двајца од загинатите во пожарот во Кочани се од Виница. Психолозите во гимназијата разговараат со учениците за трагедијата.
„Ова е колективна траума која така лесно не се надминува, преземавме голем број активности уште првиот ден, на класните часови се работеше со учениците, разговори со нив, тие сепак се повлекуваа не беа многу расположени за разговор, меѓутоа пишуваа одредени свои пораки, сеќавања за она што се случило. Утре планираме да направиме психоедукација поврзана со траума и справување со трауматски настани. Имаме и индивидуални разговори со ученици во координација со Комора на психолози кои доаѓаа вчера и дополнително разговараа“, додава Манчевска.
А. АНТЕВСКА