Адвокатот Насер Рауфи, кој го брани Џеваир Камбери обвинет во предметот за пожарот со 63 жртви и над 200 повредени во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март, на почетокот на денешното рочиште кажа дека најдените 13 мобилни телефони и лаптоп во неговата ќелија не се негови, туку на друг притвореник, кој сам се пријавил и признал. Дури, Рауфи ја упати судијката Диана Груевска-Илиевска да провери во затворот, место да го укорува неговиот клиент.
САКАМДАКАЖАМ МК се јави во истражниот затвор во Шутка да го провери тврдењето на Рауфи.
„Не е точно дека има лице во затворот кое само се пријавило и кое признало оти телефоните и лаптопот се негови. Во ќелијата на обвинетиот Камбери се сместени уште две лица. Ниту еден од нив тројца не признава чии се апаратите. Ниту пак некој друг надвор од ќелијата признал такво нешто. Според тоа, 13-те најдени телефони во таа ќелија и лаптопот се заведени како имот на тројцата, што значи и на име на Камбери“, го демантираше директорот на затворот „Скопје” во Шутка Бобан Утковски адвокатот на Камбери.
Во изјавата за САКАМДАКАЖАМ, Утковски вели дека по спроведената интерна истрага тој не може да го казни Камбери, бидејќи во оваа фаза за него е надлежна судијката Диана Груевска-Илиевска. Ако таа каже самица или друга казна, надлежните во затворот ќе ја спроведат, вели Утковски.
Судијката на минатото судско рочиште рече дека овојпат Камбери ќе помине само со опомена.
Во предметот „Пулс“, поранешниот советник во Министерството за економија Камбери е единствен меѓу 35-те обвинети кој се товари за земање мито за да овозможи незаконски лиценци за импровизираната дискотека, која токму поради неисполнувањето ни минимум од пропишаните стандарди, пламна во секунда. Обвинете е дека примал поткуп и изготвувал лажни службени исправи, при што, според Обвинителството, зел 226.000 денари (над 3.600 евра) за да издаде фалсификувана дозвола.
На претходното рочиште на 2 декември сите 35 обвинети се изјаснија за невини.
Покрај 63-те жртви, главно млади меѓу кои и деца, во катастрофалниот пожар се повредени и 213 лица, од нив имаа и со тешки изгореници и други оштетувања на телата.
С. К. ДЕЛЕВСКА



