За инцидентот на границата со Косово кога на 18 август со службениот автомобил пренесе свадбарска колона од шест возила без пасошка контрола, претседателот на Собранието Африм Гаши рече дека прашањето треба да биде адресирано до МВР.
„Ако некој отстапил од законот, не можам јас да одговарам. Со ништо не сум отстапил. Не можам јас да застанам на пасошка контрола и јас да контролирам”, одговори тој на денешниот брифинг со новинарите.
Тој рече дека од обезбедувањето му е кажано дека со приватно возило не смее да патува на приватни настани, па затоа отишол со службената кола на свадбата во соседно Косово. Кажа дека никој не може да го натера да влезе во службено возило, но дека така го крши законот.
На новинарско прашање дали се казнети полицајците кои ја пропуштија колоната на Гаши на граница, без пасошка контрола, тој упати одговорот да го побараме во МВР.
„Никогаш од некого не сум побарал да крши закон. Сите овие прашања за работењето на полицијата поставете ги до МВР”, се огради спикерот Гаши.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на 20 август кажа дека со извршените контроли во Системот за контрола на патници и возила, било утврдено дека носителот на делегацијата Гаши, како и членовите на неговото семејство кои биле најавени дека ќе остварат излез, не се евидентирани во системот за контрола на патници и возила.
Исто така констатирано е дека не е целосно запазена процедурата на евидентирање на сите лица и патници кои поминуваат на граничниот премин во системот за контрола на патници и возила.
Тој рече и дека за утврдените пропусти во работењето од страна на Регионалниот центар за гранични работи Север кон раководителот на смена на граничниот премин Блаце ќе бидат преземени соодветни мерки за утврдување на одговорност согласно Колективниот договор на МВР.
С. К. ДЕЛЕВСКА