Премиерот Христијан Мицкоски вели дека не трча трка на 100 метри, туку маратон на кој земјата ќе победи како што победила многупати досега, одговарајќи на критиките дека власта води млака политика во односите со соседите и евроинтеграциите.
Во говорот на свечената академија по повод Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври во МНТ, тој вели дека на неразумните чекори одговара со разум, на провокациите со принципи, а на притисоците со отпорност. Според него, политиката не е натпревар во мускули туку партија шах во која малите народи можат да успеат само со трпеливост, мудрост и долгорочно дејствување. Додаде дека нема да падне во замките на разни служби и игри и оти не постои цена што може да го поколеба од водењето промакедонска политика.
„Кога многумина ќе кажат: ‘Играте млако’, треба да знаат дека дејствуваме трпеливо и со мудрост. Мојата задача како премиер не е да се занимавам со коски кои припаѓаат на минатото, туку со обезбедување иднина која им припаѓа на нашите деца. Да учиме од грешките од минатото. И затоа седнавме на маса за дијалог, од која тие долго бегаа и велеа дека тоа е невозможно. Нема да паднам во замките на разните служби и на провокациите прикажани преку итроманските игри. На неразумните чекори одговарам со разум, на провокациите со принципи, на притисоците со отпорност и верба во она што сме и што претставуваме. Не треба секогаш на прва да се реагира и јас не трчам трка на 100 метри, туку маратон, и на тој маратон ќе победиме како многупати досега“, рече Мицкоски.
Во врска со барањата за напуштање на преговорите со Европската Унија, премиерот смета дека тоа би значело отфрлање на единствената можност да се седне рамноправно на истата маса со другите земји. Тој посочи дека Бугарија дури откако влегла во ЕУ почнала да ги користи сите механизми за блокада и да отвора прашања за Уставот и историските личности, што претходно не го правела.
Осврнувајќи се на регионалната состојба, тој предупреди на обиди за прелевање на кризи и дестабилизација од надворешни фактори, обвинувајќи поединци од опозицијата дека за пари и функции прифаќаат учество во такви сценарија. Тој апелираше до граѓаните да не подлегнуваат на провокации и вештачки наметнати етнички теми.
„Веќе Балканот не е единственото буре барут. Впрочем, Европа станува немирен вулкан. Сè помалку се слуша разумот, а секојдневно ги гледаме и протестите и насилството од разни облици присутни во Европа и кај нашите соседи. А на Балканот службите никогаш не престануваат да работат. И нема да ме зачуди доколку има и такви кои ќе се обидат да нè вмешаат во нивните проблеми или да префрлат дел од нивниот амбиент во нашето секојдневие. А што се однесува до домашни актери за таква игра, тоа е многу лесно. Има неколку од опозицијата, што за пари и лажни ветувања за фотелја чуда умеат да прават“, кажа Мицкоски.



