Македонија нема постигнато напредок во превенцијата и борбата против корупцијата, во слободата на изразувањето и медиумите, како и во реформата на изборното законодавство, се наведува во најновиот Извештај на Европската комисија што го опфаќа периодот од 1 септември 2025 до 1 септември 2026 година. Во документот се оценува дека корупцијата останува распространета и претставува прашање од сериозна загриженост, додека предметите за висока корупција продолжуваат да се соочуваат со одложувања и често застаруваат, што придонесува за перцепција на неказнивост.
Според Комисијата, измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година за делата злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување не ги надминуваат соодветно негативните ефекти од измените од 2023 година и придонесуваат за правна несигурност. Поради тоа, ланските препораки не се исполнети и од земјата се бара да донесе нов Кривичен законик и нов Закон за кривична постапка усогласени со европското законодавство, да го подобри билансот во случаите на висока корупција со конфискација на криминален имот и да обезбеди доволно кадар и финансии за Јавното обвинителство, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и Државната комисија за спречување на корупцијата.
Во делот на функционирањето на судството, земјата е меѓу одредено и умерено ниво на подготвеност и постигна одреден напредок преку усвојувањето на новиот Закон за Судскиот совет, со кој во голема мера се опфатени препораките на Венецијанската комисија, како и со новите закони за Советот на јавни обвинители, за платите на судиите и обвинителите и за парничната постапка. Сепак, целокупната независност и финансиска автономија на судството се поткопани од постојаното мешање од другите државни власти и драстичниот недостиг на финансиски и човечки ресурси. Комисијата бара навремена ревизија на Законот за јавното обвинителство, пополнување на испразнетите судски места и целосна функционалност на АКМИС системот.
Правната рамка за темелните права е генерално усогласена со европските стандарди, но спроведувањето на законите мора да се подобри. Собранието избра нов Народен правобранител, но сè уште треба да се изберат осум нови заменици, а Канцеларијата на омбудсманот и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација сè уште немаат финансиска автономија. Родово базираното насилство, вклучувајќи го семејното, психолошкото, економското и сајбер насилството, како и фемицидот, останува сериозен проблем, а не се преземени чекори за усогласување со правилата на ЕУ за недискриминација и родова еднаквост. И покрај реновирањето на некои затворски објекти, целокупната состојба во затворите останува ужасна и се бара итно решавање на лошите услови.
Кај слободата на изразувањето нема напредок, иако се преземени одредени чекори за усогласување со Европскиот акт за слобода на медиумите. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и јавниот радиодифузен сервис продолжуваат да се соочуваат со предизвици поради ограничената финансиска и административна автономија и нередовното финансирање. Од државата се бара да воведе правила за целосна транспарентност во сопственоста на медиумите и распределбата на јавни пари за државно рекламирање, да ја спроведе стратегијата за реформа на јавниот сервис и веднаш да ги решава сите закани и напади врз новинарите.
Во однос на демократијата и изборите, не е постигнат напредок во усогласувањето на Изборниот законик со препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија, а изборните дезинформации и странските манипулации со информации остануваат недоволно третирани. Собранието ги извршува своите надлежности делумно ефикасно. Иако донесе нов Етички кодекс и стратешки план, парламентот повторно не усвои годишна програма за работа, консензусот за законите за кои е потребно квалификувано мнозинство остана тешко достижен, а употребата на скратени законски постапки дополнително се зголеми. Владината коалиција и меѓуетничката ситуација останаа стабилни, а граѓанското општество функционира во генерално поволна средина, но имало случаи на заплашување, онлајн вознемирување и клеветнички кампањи против граѓански организации и бранители на човековите права.
Во реформата на јавната администрација има одреден напредок со проширување на електронските услуги и усвојување на патоказот во ноември 2025 година. Сепак, донесениот Закон за високо раководство има сериозни недостатоци околу составот на комисиите за селекција, методологиите за избор на директори и објективните критериуми за разрешување. Во поглавјето за правда, слобода и безбедност и во борбата против сериозниот и организиран криминал е забележан ограничен напредок, со усвојување на ревидирани закони за оружје и национален патоказ против тероризмот, но се бара зајакнување на капацитетите за финансиски истраги, перење пари и конфискација на имот, како и систематска регистрација на мигрантите.
Нема никаков напредок во поглавјата за јавни набавки, слободно движење на стоки, право на основање и слобода на давање услуги, трговско право и заштита на потрошувачите и здравјето, каде што се бара зајакнување на контролата на тутунот и повеќе средства и кадар за откривање рак. Ограничен напредок е нотиран кај финансиската контрола, слободата на движење на работниците каде што земјата е во рана фаза на подготовка, правото на интелектуална сопственост, политиката на конкуренција со барање за целосна транспарентност на државната помош, како и кај оданочувањето.
Добар напредок е постигнат во дигиталната трансформација преку усогласување на Законот за електронски комуникации и проширување на е-услугите, како и во науката и истражувањето со операционализацијата на Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво ИНОВА.



