НЕМА ПОТРЕБА ОД НОВА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА, КАЖА ПЕНДАРОВСКИ

    НЕМА ПОТРЕБА ОД НОВА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА, КАЖА ПЕНДАРОВСКИПендаровски додаде дека за мерките како карантин и полициски час постои законска регулатива и нема потреба да се воведува вонредна состојба за да се воведат овие мерки. (Фото: Претседателски кабинет)

    Претседателот Стево Пендаровски денеска не прогласи нова вонредна состојба. Последната, 14-дневна вонредната состојба, истекува утре на полноќ.

    „На 30 мај донесов одлука за вонредна состојба од 14 дена и таа истекува утре на полноќ. Сите вонредни состојби досега ги прогласував на барање на Владата и на сите одлуки за вонредна состојба им претходеше седница на Советот за безбедност. Познато е дека сите претходни вонредни состојби ги прогласив поради потребата Владата да управува со уредби со законска сила за справување со последиците од корона-кризата. Уставот е јасен, претседателот може и без барање на Владата да прогласи вонредна состојба, но јас сметам дека во овој момент нема потреба да прогласам вонредна состојба“, изјави Пендаровски на прес-конференција во претседателската вила.

    Пендаровски додаде дека за мерките како карантин и полициски час постои законска регулатива и нема потреба да се воведува вонредна состојба за да се воведат овие мерки. Рече и дека вонредната состојба нема врска со изборите, бидејќи, како што кажа, избори може да се организираат и во вонредна состојба, а Владата само треба да ја смени уредбата дека роковите течат и во вонредна состојба.

    „Избори се неопходни за да добиеме функционален, место распуштен парламент и легитимна влада, место техничка влада“, кажа Пендаровски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира