НЕВИДЛИВИТЕ ЛУЃЕ ЗА СИСТЕМОТ КОНЕЧНО ДОБИВААТ ИЗВОДИ НА РОДЕНИ, ДИРЕКТОРОТ НА УПРАВАТА ЗА МАТИЧНИ КНИГИ СУЛЕЈМАНИ ВЕЛИ ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАТА МОРА СИТЕ ДА БИДАТ ВПИШАНИ

НЕВИДЛИВИТЕ ЛУЃЕ ЗА СИСТЕМОТ КОНЕЧНО ДОБИВААТ ИЗВОДИ НА РОДЕНИ, ДИРЕКТОРОТ НА УПРАВАТА ЗА МАТИЧНИ КНИГИ СУЛЕЈМАНИ ВЕЛИ ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАТА МОРА СИТЕ ДА БИДАТ ВПИШАНИДиректорот на Управата за водење на матични книги Емир Сулејмани. (Фото: К. Попов)

Тргна работата со запишување на лицата без извод на родени и без никакви лични документи, кои се главно припадници на ромскиот народ, а Управата за водење матични книги брза до законскиот рок до 31.12.2023 година, да ги запише и да им даде извод на сите 526 лица – фантоми, кои се пријавиле или ги нашле социјалните центри и невладините организации.

Се донесоа и законски измени за престојувалиште, живеалиште и за лична карта, па така овие наши сограѓани ќе може со изводот да си поднесат барања и за лични документи.

За првпат овие лица добиваат идентитет. Ќе може да користат здравствено осигурување, да одат на училиште, а повозрасните да се вработат, да им тече стаж, да отворат банкарски сметки, да си земат мобилни телефони со претплата, да земат кредити, да положат возачки испит и да ги уживаат сите права како останатите граѓани во општеството.

„Вкупно се постапува за 526 лица за упис во матична книга на родените, согласно последната измена на Законот за матичната евиденција. Од нив, за 310 лица е извршен упис во матична книга на родените од донесување на измената на законот досега. Преостанати лица за постапување заклучно до 31.12.2023 година е вкупно 216 лица“, вели директорот на Управата Емир Сулејмани, кој е одлучен проблемот со овие наши сограѓани да го реши до крајот на годината и сите да добијат извод на родени за првпат.

Во досегашниот период во сите подрачни единици во состав на Управата се издадени околу 150 изводи. Во периодот што следи, ќе се организираат приемни денови во Управата за издавање на изводи од матична книга на родените.

„Со последната измена и дополна на Законот за матичната евиденција, се овозможи лицата без документи т.н фантоми да се запишат во матичните книги на родените и да добијат извод од матична книга на родените. Од особено значење е фактот дека со ова законско решение се предвиде и системско решение за лицата без документи. Истото е регулирано со член 4а, имено секое дете родено на територија на РСМ се запишува во матична книга на родени во рок од 45 дена независно од државјанскиот и личниот статус на родителите. Управата е основана во 2010 година и од нејзиното основање до денес решавањето на овој генерациски и децениски проблем на лицата без документи беше предизвик кој денес со задоволство можеме да кажеме дека темелно се искоренува“, вели директорот Сулејмани.

На овој закон се надоврзаа законските измени за живеалиште и за престојувалиште, како и тие за лична карта. По примерот на Словенија и Хрватска, сега овие најранливи и најсиромашни граѓани ако немаат свој дом или немаат пари да изнајмат под кирија, ако живеат во дивоградба, или пак се целосно бездомници и живеат на улица, ќе можат да ја пријават за своја адресата на Центарот за социјални работи под кој се водат.

Адресата е неопходна за издавање на лична карта.

С. К. ДЕЛЕВСКА

 

 

 

 


Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира