Родителите на загинатите деца во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ разочарани си заминаа од денешната комеморација во Собранието, во чест на 63. жртви кои загинаа лани на 16 март.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска ја одржа комеморацијата после една година, а во ложата во пленарната сала беа претставници на семејствата на загинатите, а меѓу пратениците беа и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски.
„Денес стојам пред Вас со длабоко чувство на тага и тежок товар на одговорноста. Затоа што, да се зборува за трагедија како оваа, можеби е една од најтешките задачи што можат да ѝ припаднат на една институција или на едно лице. Дури и по една година тешко е да се изберат зборови, но уште потешко е да се изговорат. Постојат моменти кога, и да ги изберете зборовите внимателно, тие секогаш изгледаат недоволни за да го изразат она што човекот го чувствува и што го преживува. Таква е и оваа обврска за мене. Иако јавниот збор е должност, тој никогаш не бил толку тежок. Особено кога си свесен дека во ваков случај ниедна реченица не е доволна за да ја исполни празнината и за да ја ублажи болката што оваа трагедија ја остави кај семејствата и во совеста на ова општество“, рече Гаши.
Габриела Наунова, мајка на загинатата Надица Наунова, рече дека очекувале и се надевале дека после една година, пратениците ќе им дадат почит на загинатите деца, но сѐ падна во вода.
„Комеморацијата за нашите деца со 63 жртви за една држава, со да речам со две страници читање и ајде чао пријатно, толку беше. Ова не го очекувавме. Уште една голема рана за нас родителите. После една година, комеморација и со две страници читање на текст напишан, не знам. Катастрофа. Разочарување ептен големо.
Што очекувавме? Очекувавме за секое дете да има барем по две минути. Очекувавме барем за секое дете по две минути да одвојат со текст што мислевме дека им е даден од институциите, бидејќи на сите институции им е пренесено. Но, за жал, ни едно дете не беше удостоено, спомнато со име и презиме. Само кратки зборови и правдања“, рече таа.
Таткото на Надица, Александар Наунов се надоврза: „Да, правдање за собранието и одморот што си го зедоа после трагедијата. Но, сепак, една година чекавме државата да се одважи и да организира комеморација за нашите деца. Тоа требаше да се случи многу порано. Како таква, сепак на завидувачки минимум од организаторите се деси. Овој чин е многу задоцнет, но важен бидејќи покажува дека трагедијата во ‘Пулс“’ не е само семејна болка, туку институционална одговорност. Затоа очекуваме институциите што поскоро да ја преземат својата одговорност и конечно да има вистинска правда, како што кажа и претседателот Гаши“.
Таткото на загинатиот Томче Стојанов, Драги Стојанов кажа дека комеморацијата е изнудена и е организирана на нивно барање.
„Ако ние не притискавме, немаше ни ова да се случи. Нели е срамота и греота да загинат во една држава 63 млади животи, да се згаснат, кои беа иднината на државата? Срамота, после една година вака да се изрази комеморацијата. Не знам, ова го нема ни во најназадите земји, ни во Авганистан, ни во Пакистан. 63 деца да загинат, а тие уште и нѐ напаѓаат. Нѐ напаѓаат! Ние за нив сме како не гледаат како противници, нѐгледаат како да сме ѓаволи за нив. Не знам што е работата. Одат се контра нас, сѐ контра! Како демек ние да сме биле криви, како ние да сме виновни, како ние да сме ги пуштиле децата да загинат. Дури ни изјавуваат „зошто ги пуштивте децата во дискотека?“. Да не ги пуштевме, немаше да загинат. Срамота, срамота! Ако не им е срам, барем малку да имаат доблест, малку да имаат барем чест и почит према нас“, рече Стојанов.
Мицкоски на Фејсбук објави дека присуствувал на комеморативната седница во Собранието, додавајќи: „Во споменот на оние кои ги загубија животите, се сплотуваме во тага, но и во надеж за посигурна иднина“.



