НОВАТА ОПОЗИЦИСКА ГРУПА ЌЕ БИДЕ 11-ТА ПРАТЕНИЧКА ГРУПА НА ВМРО-ДПМНЕ ВО СОБРАНИЕТО

    НОВАТА ОПОЗИЦИСКА ГРУПА ЌЕ БИДЕ 11-ТА ПРАТЕНИЧКА ГРУПА НА ВМРО-ДПМНЕ ВО СОБРАНИЕТООсуммина пратеници на опозицијата кои гласаа за почеток на уставните промени вчера доцна попладне поединечно го известиле претседателот на Собранието Талат Џафери дека во Собранието ќе делуваат како независни пратеници; - Од Седницата кога се гласаше за почнување на постапката за промена на Уставот на 19 октомври (Фото: Ѓ. Личовски)

    Осуммината пратеници на опозицијата кои гласаа за почнување уставни промени, вчера доцна попладне поединечно го известиле  Претседателот на Собранието Талат Џафери дека во Собранието ќе делуваат како независни пратеници, ни потврдија од Кабинетот на претседателот. Собраниски извори за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека во архивата е стигнато и барањето испратено до претседателот Талат Џафери за формирање нова пратеничка група. Се очекува, идната недела официјално да се формира пратеничката група од опозициските пратеници кои гласаа за почеток на уставните измени.

    Новата пратеничка група, неофицијално,  ќе ја сочинуваат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Елизабета Канческа-Милевска, Крсто Мукоски, Сашо Василески, Љубен Арнаудов, Нола Исмајлоска-Старова, Емилија Александрова и Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија која е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Координатор ќе биде Елизабета Канческа-Милевска.

    Од новата пратеничка група, за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека ќе дејствуваат во рамките на порано создадените пратенички групи  на ВМРО-ДПМНЕ, како единаесетта група на веќе постоечките 10.

    ВМРО-ДПМНЕ  на 6 јули 2017 година формираше 10 пратенички групи во Собранието.  Тогаш беше маратонската расправа за менување на државниот јавен обвинител Марко Зврлески. Формално-правно 10-те пратенички групи уште постојат и нив ги координира Драган Данев.  Девет имаат по пет пратеници и една е со шест.

    Во најголемата пратеничка група, координатор е Илија Димовски и таму е пратеникот и екслидер на партијата Никола Груевски. На втората координатор е Антонијо Милошоски, на третата Зоран Илиоски, на четвртата Владанка Авировиќ, на петтата Даниела Рангелова, на шестата Панчо Минов, на седмата Димитар Стевананџија, на осмата Драган Данев, на деветтата Благица Ласовска и на десеттата Драган Цуклев. Секој координатор има двајца заменици.

    „ВМРО-ДПМНЕ во Собранието официјално има десет пратенички групи, а не една. Зошто и ние да не делуваме во рамките на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, како една од нив. Досега не е побарано од претседателот на Собранието Талат Џафери да ги укине другите групи и да се формира една пратеничка група“, велат дел од пратениците кои беа исклучени од партијата, а со кои разговаравме синоќа.

    Според собранискиот Деловник, пратеничка група ја сочинуваат најмалку пет пратеници кои припаѓаат на една или на повеќе политички партии. Пратеникот може да биде член само на една пратеничка група. Пратеничка група се формира бидејќи Деловникот  дава поголема политичка моќ на пратениците да одлучуваат во пратеничка група, отколку да бидат независни.

    Пратеничката група определува координатор на пратеничката група и до двајца заменици.

    Пратеничката група на претседателот на Собранието му доставува список потпишан од секој член на групата, координаторот и неговиот заменик.

    Пратеничката група има право на собраниска стручна помош и право да користи посебна просторија, согласно со бројот на пратениците.

    За промената на составот на пратеничката група, на координаторот и на неговиот заменик, се известува претседателот на Собранието, кој за тоа ги известува останатите пратеници.

    Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Елизабета Канческа-Милевска, Крсто Мукоски, Сашо Василески, Љубен Арнаудов, Нола Исмајлоска-Старова, Емилија Александрова гласаа за предлогот за почнување на уставните промени на седницата на 19 октомври.  За измените, гласаше и Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија.

    Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ веднаш по гласањето,  експресно ги исклучи од партија  7-те пратеници кои гласаа за почнување измени на Уставот.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира