Нема услови да останат камерите во салата на Судскиот совет, нека излезат надвор, кажа новиот претседател на Судскиот совет Сашко Георгиев, на денешната прва седница откако е избран по незаконското разрешување на претходничката Весна Дамева.
„Ни треба концентрација, вака не можеме да работиме. Новинарите секако ќе останат“, кажа Георгиев .
Исто вака направи поранешната претседателката на Уставниот суд Елена Гошева во 2016, кога по долгогодишна пракса ги тргна камерите да ги снимаат седниците, зашто намала концентрација за работа кога ја снимале.
Дамева прво остро се спротивстави на овој предлог, кажа дека со оглед на тоа што се случуваше од 26 април, јавноста и тоа како треба да гледа во живо што се случува. Но кога потоа ѝ кажаа дека имало колегиум и заклучок, таа рече дека не била на вчерашниот колегиум и ако им е едногласна одлуката, нема да противречи на мнозинството.
„Не бегаме од јавноста, нека останат новинарите и една камера“, рекоа и останатите членови.
Досега немаше проблем да присуствуваат камерите и да ја пренесуваат во живо работата на Судскиот совет.
Како се случи пучот кој доведе до незаконско разрешување на Дамева, јавноста немаше да види во живо ако не беа снимките. Оттогаш Судскиот совет бара кртови во своите редови, одредени членови, т. н. пучисти бараат кои колеги од „спротивната страна“ им кажувале на новинарите што се случува внатре на повеќедневните жестоки колегиуми.
На колегиумите што ги водел потпретседателот Селим Адеми оделе без телефони, а од денеска, членовите на Судскиот совет не смеат телефони да внесуваат ни на седниците.
Пред да одлучат конечно, Павлина Црвенковска предложи МИА да снима и да им дава снимки на телевизиите, без претходно предзнаење дали државната информативна агенција сака и може да доаѓа на секоја седница за да работи за телевизиите.
Во салата останаа само новинарите, да прераскажуваат за работата на Судскиот совет.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осуди денешниот непринципиелен однос на новиот претседател Георгиев, како „лоша пракса која може да биде лесно преземена и од други институции и да придонесе кон нарушување на правото на јавноста да биде целосно информирана за работата на судските власти“.
„Фактот дека една долго воспоставена позитивна пракса за следење на расправата со присуство на сниматели е прекината со едно нелогично образложение дека снимателите ја попречуваат работата и влијаат на концентрација на присутните, без притоа претседателот Георгиев да објасни на кој начин снимателите одеднаш станаа пречка за работењето на советот. Не гледаме никаква оправданост во причината на оваа донесена одлука од страна на претседателот Георгиев. Согласно Деловникот за работа на Судскиот совет, поточно во член 7, таксативно се наведени околностите со кои може да се исклучи јавноста, но во конкретниот случај не е исполнет ниту еден услов за тоа. Бараме овој инцидент да биде еден непријатен исклучок, и во иднина Судскиот совет да работи согласно своите надлежности и неговата работа да биде отворена за јавноста како со присуство на новинарите, така и за снимателите. Очекуваме дека претседателот на Судскиот совет ќе ја преиспита оваа Одлука и во името на досегашната коректна соработка на новинарите и снимателите ќе овозможи услови за присуство на седниците на сите заинтересирани медиумски работници“, велат од ЗНМ.
С. К. ДЕЛЕВСКА