ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЌЕ ЈА ИСТРАЖУВА ВМЕШАНОСТА НА ИВАНОВ ВО НАПАДОТ НА 27 АПРИЛ

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЌЕ ЈА ИСТРАЖУВА ВМЕШАНОСТА НА ИВАНОВ ВО НАПАДОТ НА 27 АПРИЛСамо еден ден по нападот на Собранието на 27 април, премиерот Зоран Заев го обвини претседателот Ѓорге Иванов дека заедно со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и тогашниот директор на БЈБ Митко Чавков се организатори на обидот за негово убиство. - Заев со раскрвавена глава на 27 април; Ѓорге Иванов (Фото: СДК.МК)

    Обвинителството за организиран криминал и корупција ќе ја испитува вмешаноста на претседателот на Македонија Ѓорге Иванов, советникот за безбедност во неговиот кабинет Синиша Алексовски и на српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ во крвавите настани во Собранието на 27 април. Ова е новиот момент во истрагата која ја водат неколку обвинители, а кој произлезе деновиве, откако Кабинетот на Иванов влезе во јавна преписка со Живаљевиќ, обвинувајќи се меѓусебно околу присуството на странскиот разузнавач во толпата која насилно упадна во Собранието.

    Обвинителката од организиран криминал Вилма Русковска, која ја води истрагата, за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдува дека ова е нов момент во истрагата, кој ќе се истражува.
    „Ова и за мене е ново, односно разбрав од медиуми, затоа што сум на одмор. Работата е сензитивна, ама во секој случај ќе се испита дали има поврзаност со организирање на крвавите настани. Самото присуство на Живаљевиќ е од една страна дипломатски скандал, а од друга страна кривично дело учество во толпа, повторно ќе кажам, ако не се докаже учество во организирање“, вели обвинителката Русковска.

    Српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ во средата изјави дека бил присутен во Собранието на 27 април со дозвола од Кабинетот на Иванов, поточно од советникот за безбедност на претседателот Синиша Алексовски.
    Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов истата вечер во средата реагираше на изјавата на Живаљевиќ и соопшти дека македонските служби не побарале услуги од него. Како што рекоа од кабинетот на Иванов, Живаљевиќ по завршување на дејствијата и активностите во Собранието, испратил пораки до лица вработени во институциите, меѓу кои и до посочениот советник Синиша Алексовски дека бил во Собранието, но „со цел да обезбеди алиби и да ја намали одговорноста за своето постапување“.

    „Кабинетот на Претседателот не е надлежен ниту овластен да дава дозвола за престој и одобрение за активности на странски преставници и дипломати во Собранието на Република Македонија. Изјавата на господинот Живаљевиќ е спротивна на фактите. Македонските служби не побарале услуги од него“, соопшти во средата вечер Кабинетот на Иванов.

    Само еден ден по нападот на Собранието на 27 април, премиерот Зоран Заев го обвини претседателот Ѓорге Иванов дека заедно со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и тогашниот директор на БЈБ Митко Чавков се организатори на обидот за негово убиство.

    „Насилството врз новинарите и легитимно избраните претставници на народот во Собранието беше организирано од Никола Груевски, Ѓорге Иванов, Митко Чавков и нивни соработници, кои не сакаат мирен трансфер на власта. Ова вчера беше обид за убиство со умисла и по план“, изјави Заев на прес-конференцијата на 28 април.

    На 31 мај, Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја презеде истрагата за 27 април од Основното јавно обвинителство Скопје со образложение дека станува збор за организиран напад. Последното известување за истрагата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е од 20 јуни, кога соопшти дека во постапувањето по предмет оформен во врска со настаните во Собранието на 27 април, започнало со повикување на граѓани заради прибирање на потребни известувања. Оттогаш нема ништо ново, иако во истото соопштение најавија дека „за натамошниот тек на постапката, јавноста континуирано ќе биде известувана“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира