Народната банка на Србија (НБС) денеска ѝ ја одзеде дозволата за работа на „Алта банка АД Белград“, која минатата година ја презеде „Стопанска банка Битола“, денес преименувана во „АЛТА банка АД Битола“. Одлуката е донесена поради значително влошување на финансиската состојба на банката и загрозување на интересите на депонентите.
Според официјалното соопштение на НБС, на одземањето на дозволата му претходеле контролни активности насочени кон зголемување на ликвидноста. Регулаторот утврдил дека постои можност за дополнително влошување на финансиската состојба или ликвидноста и соопшти дека одлуката е донесена за заштита на депонентите и зачувување на стабилноста на финансискиот систем.
Српската Агенција за осигурување депозити треба со судско решение да биде именувана за стечаен управник. НБС најави дека Агенцијата во рок од седум работни дена ќе им овозможи на депонентите исплата на осигурените износи и располагање со средствата согласно српскиот Закон за осигурување депозити.
Македонската Комисија за хартии од вредност на 10 септември 2025 година ѝ издаде дозвола на „Алта банка АД Белград“ да објави понуда за преземање на „Стопанска банка Битола“ по цена од 3.777 денари за акција.
Преземањето беше завршено во октомври 2025 година. Според сопственичките податоци што самата банка ги објави на 4 ноември 2025 година, „Алта банка АД Белград“ заедно со поврзаните субјекти поседувала 93 отсто од обичните акции.
Конечната дозвола за преземање ја дава Народната банка на Македонија, односно гувернерот Трајко Славески.
На 12 декември 2025 година, по согласностите од македонската Народна банка, измената на Статутот и уписот во Централниот регистар, „Стопанска банка Битола“ официјално го променила името во „АЛТА банка АД Битола“.
Во претходната акционерска структура на „Стопанска банка Битола“ учествуваше и Орце Камчев. Како што објави Мета.мк во август 2025 година, тој беше еден од поголемите акционери, додека „Пелистерка“ заедно со компанијата „ТИМОХ“ имале речиси 22 отсто од акциите.
Одземањето на дозволата следува по неколкудневни јавни обвинувања за наводно префрлање големи суми пари од Србија кон Македонија по парламентарните избори во Србија. Александар Вучиќ по 14 години на власт загуби од Студентската листа.
Опозициската СДСМ, повикувајќи се на информации од српските медиуми, тврдеше дека преку „Алта банка“ започнало забрзано префрлање средства кон Македонија и Русија веднаш по поразот на Вучиќ, уште на 26 октомври. Таа го повика гувернерот Трајко Славески да објасни какви мерки ќе преземе Народната банка..
Гувернерот Славески на 30 октомври за српската телевизтја „Н1“ изјави дека домашниот банкарски систем е стабилен и отпорен и дека Народната банка континуирано ги следи ликвидноста, капиталната позиција и изложеноста на ризици на банките. Тој нагласи дека преносот на средства меѓу држави сам по себе не значи сомнителна активност и дека прекуграничните плаќања се вообичаен дел од економијата.
За конкретните тврдења поврзани со Србија, пред два дена Народната банка посочи дека нема да коментира непроверени наводи за банкарскиот систем на друга земја.



