ОЛИВЕР СПАСОВСКИ НЕ ОЧЕКУВА НАПАД НА СОБРАНИЕТО УТРЕ, ГО ПОЗДРАВИ ДЕМОКРАТСКИОТ ДУХ НА ПРОТЕСТИТЕ ОД ПОСЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ

    ОЛИВЕР СПАСОВСКИ НЕ ОЧЕКУВА НАПАД НА СОБРАНИЕТО УТРЕ, ГО ПОЗДРАВИ ДЕМОКРАТСКИОТ ДУХ НА ПРОТЕСТИТЕ ОД ПОСЛЕДНИТЕ ДЕНОВИНе сакам да правам корелација на овие протести со нападот на Собранието на 27 април, со тој црн ден за нашата демократија, кажа денес Спасовски. (Фото:СДК.МК)

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го поздрави демократскиот дух на протестите од последните неколку дена и одговори дека утре не очекува да биде нападнато Собранието како на 27 април 2017 година.

    За утре е закажана собраниска седница на која ќе се разгледува владината Информација за содржината на Предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со ЕУ, предложена на 30 јуни од претседателството на Франција. Девет дена граѓани протестираат против предлогот за кревање на ветото на Бугарија, поднесен од Франција, а во првите денови на протестите беа повредени дури 54 полицајци, од кои 11 се со потешки повреди.

    „Не сакам да правам корелација со 27 април 2017 година, со тој црн ден за нашата демократија. Напротив, јас го поздравувам демократскиот дух на протестите од последните неколку денови и оттаму очекувам дека протестите и за време на собраниската седница утре, ќе бидат во тој дух. Собранието е местото за демократска дебата, таму се изнесуваат сите ставови и несогласувања. Во секој случај, МВР е подготвено максимално да ја обезбеди таа дебата во Собранието, но и надвор од него“, одговори Спасовски на новинарско прашање дали утре очекува да се повтори истото сценарио како на 27 април пред 5 години.

    Сепак тој кажа дека до Министерството стигнуваат информации за активности и стратегии за утре, од страна на поединци меѓу организаторите, но дека тоа презема мерки согласно информациите.

    На новинарско прашање, Спасовски спореди дека сега за 9 дена протестирање биле повредени 54 полицајци од кои 11 потешко (двајца биле во болница), а во протестите на Шарената револуција имало 13 полесно повредени.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира