Опасен отпад гори во рециклаторен центар на „Ф-Групација“ во скопско Трубарево, соработник на компанијата „Нула отпад“ која е е овластена за преземање отпадна електрична и електронска опрема и отпадни батерии и акумулатори, литиум-јонски батерии од апарати и возила, како и секаков електронски отпад. Пожарот почна денеска околу 13.30 часот, а густиот црн чад што се издига од пожарот е видлив од повеќе делови на Скопје и од центарот на градот. Здравствените власти уште немаат издадено никакво предупредување за заштита на граѓаните од опасниот чад.
Како што предупреди граѓанската инцијатива „Шанса за центар“ на својата официјална фејсбук страница, кога горат литиум-јонски батерии, најтоксична супстанца која се ослободува е хидроген флуорид (HF), која може да предизвика тешки нарушување на здравјето ако е во затворен или полузатворен простор. Според Европската агенција за хемикалии (ECHA), HF е класифициран како многу токсичен, корозивен и опасен за здравјето дури и при ниски концентрации. Покрај HF, при горење на батериите гори и електролитот кој е внатре, како и пластиката и амбалажата во која се спакувани. Од нив дополнително се ослободува јаглерод диоксид (CO₂), јаглерод моноксид (CO), соединенија што содржат хлор, азот, сулфур и ред други соединенија кои не се нетоксични.
Кога гори електронски отпад во кој многу често има печатени плочки, пропратна пластика и други материјали како олово (Pb), кадмиум (Cd), хром (Cr), никел (Ni), бакар (Cu) и цинк (Zn) со горењето се создаваат соединенија кои ги содржат овие елементи. Дополнително, литиум-јонските батерии при горење развиваат многу високи температури (од 800- па до 1600 степени, зависно од јачината) дури прават и мини експлозии.
Батериите при складирање пред рециклирање се неутрализираат и има посебни мерки за заштита како и обуки на вработените.
При вакви пожари треба да се евакуираат сите што се изложени на HF-хидроген флуoрид.
Околу 16.50 часот, Министерството за здравство соопшти дека „ја следи состојбата со пожарот во скопско Трубарево. Во постојана координација е со сите надлежни институции. Службите на Министерството се подготвени за навремено постапување во рамки на своите надлежности, а во зависност од натамошниот тек на настаните“.
Од „Нула отпад“ соопштија дека гори рециклаторен центар кој е нивни соработник, а корекција на претходната информација издаде и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов.
„Нула отпад’ како колективен постапувач кој го организира системот на собирање на отпадна електрична и електронска опрема и отпадни батерии и акумулатори, не поседува отпад ниту фабрика за пластика, фабрика за акумулатори или било каков отпад во Трубарево. Согласно информации од медиумите, станува збор за пожар во рециклаторен центар кој е еден од нашите соработници“, велат од Нула отпад“.
Селото Трубарево се наоѓа на 10 километри источно од центарот на Скопје на регионалниот пат Скопје-Велес. Во близина на селото се наоѓаат населените места Маџари, Гоце Делчев, Јурумлери, Горно Лисиче и Долно Лисиче.
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Мухамед Али кој се наоѓа на самото место кажа дека во 13:38 часот, преку единствениот број за итни повици 112 е пријавен пожар во штала наменета за складирање на отпадни електрични материјали. Пожарот за кратко време предизвика густ црн чад и се прошири и на неколку околни објекти.
„Веднаш воспоставив координација со Центарот за управување со кризи и ги информирав надлежните служби за состојбата на терен, добивајќи насоки за понатамошни дејствија. Од страна на операторот ЕВН беше побарано итно исклучување на електричната енергија, со цел да се овозможи безбедно гаснење на пожарот, вклучително и со употреба на воздухопловни средства. На терен се ангажирани шест противпожарни возила од Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, со повеќе од десет пожарникари, како и неколку специјализирани возила на Дирекцијата за заштита и спасување. Дополнително, во гаснењето учествуваат еден хеликоптер на Министерството за внатрешни работи, еден хеликоптер на Армијата на Република Северна Македонија, како и еден ‘ер-трактор’ на Дирекцијата за заштита и спасување. На терен се испратени и екипи на итната медицинска помош“, кажа Али.
Б. НЕСТОРОСКА