ОПШТИНА БИТОЛА 12 ГОДИНИ НЕ НАПРАВИ ПАТ ДО НАЈАВЕНИТЕ ЕЛИТНИ ПАРЦЕЛИ ШТО ГИ ПРОДАДЕ НА ЗЛАТЕН РИД ЗА 2,5 МИЛИОНИ ЕВРА, ВЕЛИ ПАТОТ НЕ Е ПРИОРИТЕТ

    ОПШТИНА БИТОЛА 12 ГОДИНИ НЕ НАПРАВИ ПАТ ДО НАЈАВЕНИТЕ ЕЛИТНИ ПАРЦЕЛИ ШТО ГИ ПРОДАДЕ НА ЗЛАТЕН РИД ЗА 2,5 МИЛИОНИ ЕВРА, ВЕЛИ ПАТОТ НЕ Е ПРИОРИТЕТДури 42 сопственици купија парцели во делот АРМ Четврт 2, платија даноци и комуналии, но до денес немаат пристап до земјиштето и не може да се гради на него; - Пристапот до парцелите. (Фото: СДК.МК)

    Со хеликоптер ли да носиме градежни материјали, прашуваат дел од сопственици на парцелите на Златен Рид кои ги купија пред 12 години, а сѐ уште Општина Битола нема изградено пат до нив. Парцелите беа продадени преку електронско наддавање во времето на ексградоначалникот Владимир Талески во 2012, кога населбата што требаше да никне во старата битолска касарна беше најавувана како елитна. Дури 42 сопственици купија парцели во делот АРМ Четврт 2, платија даноци и комуналии, а сонот да живеат на Златен Рид им се растури како кула од карти. Денес немаат пристап до земјиштето, па научна фантастика е да се гради на него.

    Подоцна беше земен кредит за да се обезбедат средства за изградба на улици, но тоа се направи за АРМ Четврт 1, а Четврт 2 уште чека да дојде на ред. (Фото: СДК.МК)

    „Нема инфраструктура, а под тоа се подразбира, пат, канализација, водовод, струја. Без тие работи не може да се гради. Рид е во прашање, пат нема, а и постоечкиот што беше од војската се руши при градењето на долните парцели. Законот предвидува во рок од две години после добивањето на градежната дозвола да се почне со градба. Но, како да се почне? Со што? Со авион или со хеликоптер“, вели Пеце Стефановски, сопственик на парцела, познат битолски доктор-интернист во пензија.

    Меѓу сопствениците на парцелите има видни битолчани, граѓани кои ги продале куќите за да изградат дом на Златен Рид, како и иселеници кои планирале да се вратат и живеат во родниот крај. Тие револтирано коментираат дека на Запад прво се прави инфраструктура, а потоа се продаваат парцели. Прашуваат каде се парите што ги платиле за земјиштето и комуналиите кон Општината од кои очекувале локалната власт да им ја изгради инфраструктурата.

    Од касарната беа продадени 99 парцели, најголем дел за станбени згради, индивидуални куќи, дуќани. (Фото: СДК.МК)

    „На прашањето зошто не градат ни беше речено дека немале пари. Јас прашувам каде се нашите пари? На веб страницата на Општината пишуваше дека од двата проекта АРМ 1 и 2 се собрани 7 милиони евра. АРМ 1 е направен. Да ги поделиме парите на два дела, доаѓа по три и пол милиони евра на проект. Овде инфраструктурата чини 2,3 милиони евра. До 3 и пол милиони има уште пари“, вели Стефановски.

    Сопствениците на парцелите се револтирани што Општината вложува пари во инфраструктурата во населби каде веќе има асфалт, струја, вода, канализација, додека кај нив нема ништо.

    „Дадени се пари за платформа во Офицерскиот дом, каде сепак просторот беше уреден, за прифатлиште за животни, кои не се поважни од луѓето. Не велиме дека тоа не треба да се направи, но треба да се има приоритети, критериуми“, велат сопственици на парцелите.

    Локална власт од продажбата на градежно земјиште во комплексот АРМ пред повеќе години имаше наплатено над 150 милиони денари (2,5 милиони евра), а од надоместок за уредување на градежното земјиште над 280 милиони денари (4,5 милиони евра). (Фото: СДК.МК)

    Од Општина Битола одговорија дека се залагаат за што побрзо инфраструктурно уредување на АРМ Четврт 2, но тоа е голема инвестиција, па изградбата се одвива постепено. Велат, приоритет се дава на населените места.

    „Градоначалникот Тони Коњановски, во своето работење посветува посебно внимание на подобрување на патната инфраструктура, за што потврда се реконструираните над 40 улици во досегашниот двегодишен период, додека паралелно се работи на нова проектна документација и соодветно планирање на средства за таа намена. Приоритетот е ставен на местата кои веќе се населени, а кои со децении се соочуваат со инфраструктурни проблеми, но иако АРМ Четврт 2 е проблем присутен 12 години во мандат на тројца градоначалници, Коњановски се залага за што е можно побрзо инфраструктурно уредување и на овој дел“, соопштија од Општина Битола.

    Проектот „Старите касарни за нов развој“ се спроведе во 2011 во времето на Талески, кога 103 хектари во поранешната битолска касарна беа предадени на Општина Битола. Од касарната беа продадени 99 парцели, најголем дел за станбени згради, индивидуални куќи, дуќани. Локална власт од продажбата на градежно земјиште во комплексот АРМ пред повеќе години имаше наплатено над 150 милиони денари (2,5 милиони евра), а од надоместок за уредување на градежното земјиште над 280 милиони денари (4,5 милиони евра).

    Но, голем дел од парите од продажбата, наместо да бидат искористени за средување на инфраструктурата во касарната, Талески ги пренамени за изградаба на инфраструктурата во индустриската зона „Жабени“. Подоцна беше земен кредит за да се обезбедат средства за изградба на улици, но тоа се направи за АРМ Четврт 1, а Четврт 2 уште чека да дојде на ред.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

     

     

     

     

     

     


     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира