„ОСТАВЕТЕ МЕ СО КАТЈА ДА СЕ ОДМОРИМЕ, ДА СЕ НАСПИЕМЕ“, БИЛЕ ПОСЛЕДНИТЕ ЗБОРОВИ НА ИВАНА ПРЕД ДА СКОКНЕ ОД БАЛКОНОТ, А НА ЗАКАНИТЕ ОД СОПРУГОТ СТОЈАНЧЕ САМО СЕ НАСМЕВНАЛА И РЕКЛА „ПРАВИ ШТО САКАШ“

    „ОСТАВЕТЕ МЕ СО КАТЈА ДА СЕ ОДМОРИМЕ, ДА СЕ НАСПИЕМЕ“, БИЛЕ ПОСЛЕДНИТЕ ЗБОРОВИ НА ИВАНА ПРЕД ДА СКОКНЕ ОД БАЛКОНОТ, А НА ЗАКАНИТЕ ОД СОПРУГОТ СТОЈАНЧЕ САМО СЕ НАСМЕВНАЛА И РЕКЛА „ПРАВИ ШТО САКАШ“Сопругот Стојанче Јовановски до последен момент ја тепал Ивана и ѝ се заканувал дека ќе ѝ го земе детето и станот. (Фото: СДК.МК)

    На судењето на Стојанче Јовановски, чија сопруга Ивана Стојаноска по повеќегодишно семејно насилство на 2 март се самоуби со 6-годишната ќерка Катја скокајќи од заедничкиот стан во скопската населба Тафталиџе, денеска сведочеше Мартин Саздов пред чии очи се случи самоубиството. Според обвинението, Јовановски извршил загрозување на сигурноста, тешка телесна повреда при семејно насилство и наведување на самоубиство.

    За последните минути од животот на Ивана Стојаноска и на Катја, Саздов раскажуваше плачејќи, му се слоши и повраќаше во судницата во Кривичниот суд. Саздов бил пријател со Ивана и нејзиниот сопруг Стојанче Јовановски, колега од Пожарната бригада, сѐ додека не дознал дека тој се гледа со неговата девојка.

    „Се наближивме до критичниот момент. Раскажете што се случи, каде ги одвезовте со кола обвинетиот Стојанче Јовановски, неговата сопруга што ја истепа со боксови Ивана, и малата Катја, откако ја зедовте од училиште? Раскажете што се случуваше“, праша обвинителката Адела Бојчевиќ.

    „Ивана сакаше да ја земе Катја од школо. Во кола ја вреѓаше пред детето: ’Курво една ќе видиш што ќе ти направам јас тебе! Да се губиш од станот!’ Се преправав дека зборам на мобилен, само за да замолчат на момент, да не се караат пред детето. Но тој ѝ се закануваше дека детето ќе ѝ го земе, како и станот“, кажа Саздов едвај зборувајќи.

    Кога стигнале пред зградата, Мартин сакал да оди горе со Ивана, Стојанче и Катја додека земаат лични работи за да си одат двете кај мајка ѝ на Ивана. Му било страв да не ги тепа Стојанче, кој дента не престанал да ја тепа зашто мислел оти дрогата што била најдена кај него и за што бил под истрага, била местенка од Ивана.

    „Стојанче ми рече, ‘паркирај се, одам со курвата, да не ме мести горе сама’. Потоа рече да се качиме сите заедно. Претходно се закануваше и дека ако оди во затвор, ќе искочи и ќе ја убие. Ивана претходно ми кажа дека Стојанче ѝ покажувал и пиштол, поради што таа цело време стравуваше дека ќе ги убие. Ми беше непријатно да се качам горе, но и ми беше страв да не ја тепа пак. Ја отклучија вратата од станот, јас стоев пред врата. Стојанче и рече, ‘земи си курво што ти треба и губи се’. Ивана рече, ‘во ред, излези, Катја да си одбере во ранчето што да си земе’. Тој сакаше пак да ја удри. Катја ја држеше за ногата мајка си, за да ја спаси. Јас го спречив, му реков полека, ќе провериме што зеле“, кажуваше Саздов плачејќи.

    „Дајте ми само пет минути“, рекла Ивана додека Саздов и Стојанче чекале пред вратата.

    „Звонев до кај се, Ивана ми одговори: ‘Еве за пет минути’.

    По ова, таа ја отворила вратата.

    „Јас не сакам да си отидам од станов. Остајте не да се наспиеме со Катја, да се одмориме“, плачејќи сведочеше Саздов.

    Плачеа сите во судницата.

    „Му реков на Стојанче ајде да се симнеме доле. Тој пак ѝ викна: ‘Курво пак ми правиш курвински работи, ќе ја сменам бравата! Ќе ти го земам станот и ќе ја земам Катја. К*р ќе ти го дадам дарот’, ѝ викаше од пред вратата. Ивана се насмевна: ‘Прави што сакаш’, му рече. Ја затвори вратата и заклучи“, рече Саздов.

    Се симнале со Стојанче долу пред зградата. Тој не престанал да повторува дека оваа му правела горе „курвински работи“, а не дека се пакувала за кај мајка ѝ.

    По неколку минути, Мартин се посомневал и го прашал: „Да не направи нешто Ивана?“.

    „Не, таа курва не се убива, не умира“, му рекол Стојанче.

    Ивана му заѕвонила на мобилниот телефон на Стојанче. Мартин го прашал што му кажа таа, тој му рекол дека не знае, не ја разбрал што рекла.

    „Јас се сомневам дека Ивана му кажала што ќе направи. Не само што кажа оти не ја разбрал што збори, туку си го стави и телефонот во џеб. Ивана му вртеше пак, тој не ѝ креваше. Таа ми сврте мене, ми рече: ‘Нека ми се јави Стојанче на камера. Тој ѝ се јави на камера, повикот се прекина. Му заѕвоне Ивана на камера, зирнав на екранот. Видов како стои со Катја на терасата. Само викнав: ‘Ивана, немој да си направила глупост!’ Се слушна силен тресок“, сведочеше многу вознемирен Саздов.

    Тој се стрчал кон плочникот на зградата, ја видел Ивана целата во крв.

    „Откако ја видов Ивана во крв, се стрчав да не е Катја горе, ми текна дека заклучи. Ја видов Катја до неа. Викав за брза помош, не знаев што да направам. Стојанче не отиде накај Ивана и Катја. Отрча накај главната улица. Тоа беше“, кажа сведокот Саздов.

    Тогаш се уфрли Стојанче од место и рече: „Јас истрчав да барам помош, немав храброст да ги видам“.

    Судењето продолжува утре, 2 април, треба да има и сведоци од училиштето каде првоодделенката Катја покажувала како татко ѝ безмилосно ја тепа мајка ѝ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира