Обвинетиот Влатко Кешишев, на крајот на денешното судско рочиште за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, рече дека писмото кое го поднел до судот со исказот дека првообвинетит Љупчо Палевски-Палчо не ја убил Вања не е негово, туку му го дал Палчо. Кешишев на последното судско рочиште а 20 ноември, во писмо ја смени изјавата дадена во истрагата дека токму Палевски ја убил Вања.
„Тоа не е моја изјава, ми беше дадена за да ја напишам со мој ракопис“, рече Кешишев денеска во судот.
На прашање од судијата кој му го дал писмото, Кешишев рече: „Обвинетиот Палчо“. А на прашањето зошто го направил тоа, рече: „Од страв“.
Кешишев кажа дека писмото со сменета изјава му го дал Палчо додека заедно биле транспортирани во комбе во два наврати на судски рочишта. Писмото преку затворот „Скопје“ во Шутка каде е во притвор, Кешишев на 20 ноември го доставил до судот. Не преку неговиот адвокат, туку преку затворската управа.
Обвинителката Ана Стојковиќ-Димитровска пред денешното судење рече дека нема доказна вредност променетата изјава на Кешишев.
За киднапирање и свирепо убиство на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес и на Вања Ѓорчевска од Скопје, обвинети се Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Велибор Манев, Боре Видевски и таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски.
А. АНТЕВСКА