Премиерот Зоран Заев кажа дека е потребно СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да бидат заедно на власт за да се департизира јавната администрација, во интервју за „Слободен печат“. Тој вели дека отвора дебата за широка влада, во која би влегла опозицијата и е убеден дека тоа е најдобар начин земјата да тргне напред.
„За да ја департизираме администрацијата. Кога сме двете страни внатре во владата, нема СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да ја партизираат администрацијата. Да, ќе се вработуваат и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, но кој ќе победи на конкурсот како најдобар, по критериум, по нормативи. Клиентелизмот во судството и јавната администрација ќе го снема кога ќе бидат сите во власта. На кој ќе изиграваат клиенти, на кого ќе гледаат да му угодат, кога сите се внатре“, изјави Заев во интервјуто.
Но, Заев кажа дека ова е негова идеја и треба прво да помине во органите на СДСМ. Рече и дека со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не може да се договори за ништо, но смета дека ако во ВМРО-ДПМНЕ има разумен човек и тие сметаат дека со Заев не може да се разговара, тогаш и тој ќе се тргне, само да почнат да разговараат двете партии.