ПЕТ ГОДИНИ СТАНАРИ НА СКОПСКАТА УЛИЦА ОРЦЕ НИКОЛОВ СТРАВУВААТ ДЕКА ЗГРАДАТА ЌЕ СЕ ЗАПАЛИ ОД ЌЕБАПЧИЛНИЦА КОЈА МЕСТО ВЕНТИЛАЦИЈА ИЗБУШИЛА ОТВОР ВО ФАСАДАТА, МИРИЗБАТА ИМ ВЛЕГУВА ДОМА

    ПЕТ ГОДИНИ СТАНАРИ НА СКОПСКАТА УЛИЦА ОРЦЕ НИКОЛОВ СТРАВУВААТ ДЕКА ЗГРАДАТА ЌЕ СЕ ЗАПАЛИ ОД ЌЕБАПЧИЛНИЦА КОЈА МЕСТО ВЕНТИЛАЦИЈА ИЗБУШИЛА ОТВОР ВО ФАСАДАТА, МИРИЗБАТА ИМ ВЛЕГУВА ДОМАОд Општина Карпош на поплаките на граѓаните велат дека нема загадување од миризбата и ќебапчилницата има Елаборат за заштита на животната средина, а од Пазарната инспекција помош побарале од Инспекторатот за животна средина и Дирекцијата за заштита и спасување оти таа немала надлежност да постапи. (Фото: СДК.МК)

    Пет години, жителите во зграда на улицата Орце Николов број 206 спроти Машински факултет во скопски Карпош живеат во страв дека зградата ќе се запали, поради несоодветно изградена вентилација на ќебапчилница која се наоѓа во деловен објект во нивната зграда. Неправилно изведениот вентилациски отвор е причина и за ширење на неподнослива миризба и чад, која го оневозможува нормалното живеење и користење на сопствените посебни единици на станарите, за кои проветрувањето на воздухот или пиењето кафе на тераса е незамисливо, а дел трпат и економски последици бидејќи ниту еден потстанар не се задржува во станот.

    Од Општина Карпош на поплаките на граѓаните велат дека извршиле инспекција и констатирано е оти нема загадување од миризбата, а ќебапчилницата има Елеборат за заштита на животната средина. Од Пазарната инспекција, пак, помош побарале од Инспекторатот за животна средина и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) оти таа немала надлежност да постапи.

    Граѓани преку алатката на САКАМДАКАЖАМ.МК  Пријави корупција доставија документи за битката која ја водат со државните институции за работата на ова ќебапчилница чиј отвор за вентилација е неправилно изведен, а како што велат, спорно е и дали воопшто има исполнување на условите за заштита од пожар и елаборат за противпожарна заштита.

    „Силно потресени и погодени од целата ситуација, а како попластично би ги образложиле грижите на станарите, бараме инспекторите во Државниот инспекторат да се стават на местото на станарите и да се запрашаат дали ќе можат мирно да спијат знаејќи дека во срцето на Скопје, во десеткатница има ќебапчилница во која се пече месо со несоодветно изградена вентилација. Потенцијал за пожар, буквално темпирана бомба. Стравот од пожар е оправдан, бидејќи не се исполнети пропишаните минимално-технички услови предвидени со член 9 и член 19 од Правилникот за минимално-техничките услови за вршење на угостителска дејност“, се вели во пријавата која ни ја испратија граѓаните, а е доставена до Државниот пазарен инспекторат.

    Основниот проблем, како што велат граѓаните, потекнува од фактот што при изградбата на зградата, со основниот проект за деловниот објект каде сега се врши угостителска дејност, не е предвидено вршење ваква дејност и не е предвиден вентилационен систем односно канал. Кога сопственикот на ќебапчилницата го купил деловниот објект и го подготвил за вршење на угостителска дејност, соочен со немањето вентилационен систем, го избрал за него најлесниот можен начин и буквално со цевка, воздухот и пареата, ги изнесува надвор од деловниот објект преку пробушен отвор на самата фасада од објектот.

    „Станува збор за угостителски објект во кој се подготвува храна и треба да се исполнат посебни законски услови и мерки за безбедност и противпожарна заштита, како и посебни канали за вентилација и одвод на заситени издувни гасови. Неопходен е проект за пренамена/ адаптација на просторот, а пред сè елаборат за противпожарна заштита, елаборат за заштита на животната средина и вентилација на просторот. Не може венталацијата да биде со дупка на фасадата, туку со канали треба да се  изнесе над слемето на зградата, а тоа не е направено“, велат станарите.

    По многубројните пријавите на станарите во Општина Карпош, на 17 јануари 2020 донесено е решение со кое сопственикот е задолжен да ги отстрани недостатоците во рок од 30 дена од кога е констатирано дека немаат изработено елаборат за заштита на животната средина. На 16 јуни 2020, Општината носи решение со кое се одобрува Елеборатот за заштита на животна средина. На 4 ноември 2020 се наредува на инвеститорот да ја отстрани градбата, да се врати во првобитна положба и да се изведе вентилација по вертикала на зградата. На 19 јули 2021, од Општина Карпош е одговорено дека правниот субјект ги почитува одредбите од Елаборатот за заштита на животна средина и дека е сложен да изведе вентилација за одведување на мирисите кои се создаваат по вертикала на зградата. Но, како што велат станарите, објектот сè уште работи со оџак на фасадата.

    „Со години ја трпиме миризбата во сопствени домови, а по последниот трагичен настан воКочани не можеме ниту мирно да спиеме од страв од можен пожар, но институциите никако не реагираат“, велат станарите.

    Од Министерството за економија велат дека за ваков тип објекти тие не издаваат дозволи за работа. Деловните објекти од овој тип пред започнување со работа треба да поднесат Пријава за исполнување на минимум технички услови за работа до Државниот пазарен инспекторат кој понатаму постапува на терен.

    Од Пазарната инспекција велат дека, за жал, сегашниот закон овозможува со пријава во која сопственикот заокружува дека ги исполнува сите барани услови да може да почне да работи и затоа ќе се бараат законски измени.

    „Ние имавме состанок со станарите на оваа зграда кои ни го пренесоа нивниот проблеми со кои се соочуваат со години. За жал, ние како Пазарен инспекторат не можеме ништо да направиме, но побарав институционално да постапи Дирекцијата за заштита и спасување во однос на заштита од пожар и Инспекторатот за животна средина во однос на миризбата која се испушта од објектот“, вели директорот на Пазарната инспкеција Влатко Стојкоски.

    Од Општина Капрош на нашите прашања одговорија дека на овој објект бил направен инспекциски надзор и дека правниот субјект бил задолжен согласно член 24 став 5 од Законот за заштита на животна средна да изготви  елаборат за заштита на животната средина и истиот е во согласност со законските прописи.

    „Во однос на емитување на загадувачки емисии во амбиенталниот воздух, правниот субјект има направено посебни мерења од акредитирана фирма во согласност со Правилникот за гранични вредности на дозволени нивоа на емисии и видови на загадувачки супстанции на отпадните гасови и пареи кои се емитираат во воздухот, и констатирано е дека нема надминување на граничните вредности  за измерените параметри. Во однос на миризбата која се шири  низ вентилацискиот систем, ве информираме дека во Македонија тоа не е законски регулирано“, велат од Општина Карпош.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира