Пет месеци минаа откако Министерството за внатрешни работи (МВР) пријави 11 полицајци од СВР Велес во Јавното обвинителство специјализирано за дела сторени од полициски службеници, за да се истражи дали имаат грешки при постапувањето за заштита на Росица Коцева која го пријавувала за насилство поранешниот партнер Илија Стефановски. Тој ја уби во нејзиниот дом на 15 септември 2025, откако го уби и татко ѝ Киро, а потоа се самоуби.
Од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања на Обвинителството соопштија дека активно работат на овој предмет, кој е уште во предистражна постапка.
„Предметен јавен обвинител од Специјализираното одделение активно постапува по известувањето доставено од Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР. Предметот се наоѓа во фаза на предистражна постапка, при што се сослушани сите полициски службеници и други лица во својство на сведоци и се преземаат и други дејствија во насока на прибирање докази релевантни за случајот“, ни изјавија од Обвинителството.
Одделот за внатрешна контрола при МВР работи дали 11-те полициски службеници постапувале спротивно на законските овластување.
Стефановски на денот на убиството, 15 септември, ги прекршил двете активни изречени мерки забрана. Едната е забрана од Основен суд Велес по барање на ОЈО Велес за да не го напушта живеалиштето односно престојувалиштето, градот Скопје. Тој ден пред убиството, недела или на самиот ден понеделник, заминал за Велес за да го стори тоа што го наумил, кога имал забрана за напуштање на Скопје. Стефановски не ја почитувал и втората изречена мерка на претпазливост, забрана на приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со Росица и со И. М.. Стефановски бил во домот на таткото на Росица и ја чекал да дојде, за да ја убие и тоа со шест убоди од нож.
По барање на Центарот за социјални работи Велес, Основен суд Велес изрекол дополнителни три мерки кон Илија Стефановски, кои во судска постапка станале правосилни, со важност од шест месеци. Забрана да се заканува дека ќе стори семејно насилство, забрана да малтретира, вознемирува, телефонира, контактира или на друг начин комуницира со жртвата директно или индиректно и забрана да се приближува на растојание помало од 100 метри до живеалиштето на жртвата. Изречените предложени мерки се на сила од 26 јуни 2025, а траат 6 месеци. Двојното убиство се случи на 15 септември 2025, во семејниот дом на Коцеви во Велес, во период кога на сила се овие забрани.
На 21 мај 2025 Коцева го пријавува Стефановски во ОЈО Велес за неизвршување на судска одлука, бидејќи и покрај дополнителните мерки за заштита од семејно насилство изречени и во граѓанска постапка, тој не ги почитува и продолжува да ѝ испраќа пораки и фотографии со обид да оствари комуникација со неа, а на 18 мај се приближил до нејзиниот дом, го одзел и на друга локација го запалил автомобилот во сопственост на нејзиниот татко. По оваа пријава, ОЈО Велес на 26 јуни 2025 издал наредба до МВР за обезбедување докази од телефонската комуникација, како и четири наредби за обезбедување снимки од видеонадзор од различни локации во градот. По овие наредби полициските службеници постапувале и не беа расчистени до денот на убиството.
Пролетта 2025, Стефановски сторил две кривични дела над Росица – загрозување на сигурноста при вршење семејно насилство од 20 февруари и насилство од ноќта на 3-4 март за што добива условна затворска казна.
Од 21 јануари до 7 јули, Росица седум пати пријавила до СВР Велес дека е нападната, малтретирана, вознемирувана од Илија, а полицијата соопшти дека постапила по сите пријави. Меѓудругото, на 18 мај лани испишал графити по Велес со навредлива и заканувачка порака каде директно е наведено нејзиното име. На 19 јуни на влезна врата од продавница пронајдено е залепено „УСБ“ во кое имало фотографии и експлицитни снимки од неа и Илија.
Пријавувањето семејно насилство во Велешко лани е во пораст, зголемени се пријавите и во полиција и во Центарот за социјални работи. Судот изрече осум ефективни затворски казни за сторителите, 21 условна, а во три случаи лицата се испратени на психијатриско лекување. Лани Полицијата регистрира и еден смртен случај, резултат на семејно насилство, токму тој на Росица Коцева, како и еден случај со тешка телесна повреда.
П. ПЕЧКОВ



