ПО ПОВЛЕКУВАЊЕТО НА „ЛУФТХАНЗА“, НАЕСЕН ОД СКОПЈЕ НЕМА ДА ЛЕТА НИ „ЛОТ“ ЗА ВАРШАВА, „ИЗИЏЕТ“ ГО УКИНА ЛЕТОТ ЗА ПАРИЗ-ОРЛИ

    ПО ПОВЛЕКУВАЊЕТО НА „ЛУФТХАНЗА“, НАЕСЕН ОД СКОПЈЕ НЕМА ДА ЛЕТА НИ „ЛОТ“ ЗА ВАРШАВА, „ИЗИЏЕТ“ ГО УКИНА ЛЕТОТ ЗА ПАРИЗ-ОРЛИ„Изиџет“ доби субвенции за линијата Скопје-Париз во 2025 во рамките на вториот повик на Владата и сега ќе треба да ги враќа парите оти требаше да ја одржува до 2028. (Фото: ТАВ)

    По повлекувањето на германската авиокомпанија „Луфтханза“ во мај годинава, од есен од Скопје во зимскиот ред на летање ги нема и линиите на полската национална компанија „Лот“ за Варшава. Од ноември се укинува и летот на нискобуџетната „Изиџет“ за парискиот аеродром Орли, линија која е субвенционирана од македонската влада.

    Според резервациониот систем на полската авиокомпанија, откажани се сите летови до Варшава за зимската сезона која трае до 28 март. Последниот лет од Скопје до Варшава е на 23 октомври.

    Последниот лет Скопје – Париз-Орли е закажан за 24 октомври. „Визер“ лета од Скопје за парискиот аеродром Буве.

    „Изиџет“ доби субвенции за линијата Скопје-Париз во 2025 година во рамките на вториот повик на Владата. До аеродромот „Орли“, според договорот со Министерството за транспорт и врски, „Изиџет“ требаше да се лета три години, два пати неделно, односно до април 2028. Во моментов, „Изиџет“ лета само еднаш неделно. Субвенциите се девет евра за секој патник што слетува во Скопје. Со тоа што авиолинијата се укинува пред истекот на договорот, „Изиџет“ ќе треба да ги врати субвенциите кои ги добиваше изминатава година линијата до Париз.

    Во рамките на истиот оглас, „Изиџет“ доби субвенции и за линијата Скопје-Женева која, според резервациониот систем, останува и има летови  двапати неделно.

    И покрај рекордниот раст на сообраќајот на двата македонски аеродрома од над 30 отсто, и покрај тоа што „Визер“ во својата база во Скопје донесе седми авион од типот „ербас – А321 нео“ со капацитет од над 230 седишта, повлекувањето на „Луфтханза“ и „Лот“ значи сериозен удар за авиосообраќајот. Со укинувањето на линиите Скопје-Франкфурт и Скопје-Варшава се губат две важни европски авиораскрсници преку кои патниците имаа пристап до десетици дестинации ширум светот. И двете компании се членки на глобалната „Стар алајанс“ и преку своите центри во Франкфурт и Варшава нудеа пристап до широка мрежа на поврзани летови. Скопје не губи само директни врски со два европски града, туку и дел од можностите за патување со едно преседнување кон голем број европски и интерконтинентални дестинации. Истовремено, се намалува присуството на традиционалните национални мрежни авиокомпании на македонскиот пазар, а со тоа и изборот и конкуренцијата за патниците.

    Во моментов, Владата дава субвенции за 16 авиолинии од кои 13 се линии на „Визер“, две на „Изиџет“ и една на „Туркиш ерлајнс“ . Од скопскиот аеродром се субвенционираат летовите на „Визер“ до Барселона, Штутгарт, Мадрид, Стокхолм, Бари, Келн, Прага, Неапол, Будимпешта, и на „Изиџет“ летовите до Париз-Орли и Женева.

    Од аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид Охрид се субвенционираат летовите на „Визер“ до Милуз, Катовице, Вроцлав, Милано, и летот Охрид-Истанбул на „Туркиш ерлајнс“.

    Од Охрид во зимскиот ред на летање ќе биде укината и линијата за Братислава, која беше воведена како замена на претходната линија за Виена на „Визер“, откако унгарскиот нискобуџетен превозник ја затвори базата во Австрија и ги пренасочи авионите во соседната Словачка.

    Австриската компанија „Аустриан ерлајнс“ која отвори сезонска линија од Виена за Охрид не побара субвенции за овој лет. Исто така, без субвенции и „Ер Србија“ ја одржува летната линија од Белград за Охрид.

    Министерот за транспорт и врски Александар Николоски на 10 јули кажа дека во првите 6 месеци од во земјава има рекорден број патници.

    „Бројките излегоа денеска и се одлични. Имаме два милиона патници за шест месеци годинава, што е раст од над 30 проценти споредено со минатата година. Кога оваа Влада беше избрана, имавме нешто над два милиона патници на годишно ниво, а сега имаме два милиона патници за само половина година. И Скопскиот и Охридскиот аеродром се најбрзо растечки аеродроми во регионот и тоа ќе продолжи да биде така. Имаме 28 нови дестинации и навистина сум многу горд на оваа политика“, кажа Николоски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира