Денеска во Скопје по кусо боледување почина Владо Јаневски (65), еден од најпопуларните македонски пејачи и автори, потврдија за САКАМДАКАЖАМ.МК негови соработници.
Јаневски во август требаше да одржи концерт во Охрид, кој се рекламираше на почетокот на годината, па потоа се откажа. Како што ни рекоа соработниците на пејачот, тој се лекувал во една од скопските приватни болници во последниве неколку месеци.
Последниот настап за кој објави на социјалните мрежи е од март, кога ѝ беше гостин на хрватската пејачка Весна Писаровиќ на нејзиниот концерт во Филхармонијата. Јаневски одржа заеднички концерт со Момчило Бајагиќ-Бајага на 14 февруари во Скопје, а две недели потоа настапи на „Златна бубамара на популарноста“.
Владо Јаневски е роден на 27 ноември 1960 во Скопје. Има издадено шест студиски албуми, зад кои стојат бројни големи хитови, како „Ако не те сакам“, „Евергрин“, „Дома си е дома“, „И тогаш некоја будала“, „Некогаш и негде“, „Црно тиквешко“, „Ова е наше Скопје“, „Не зори зоро“, „Еден бакнеж“ и многу други. Претходно беше пејач во групите „Бон тон“ и „Ластовица“.
Тој беше првиот македонски претставник на Евровизија со песната „Не зори зоро“ во 1998. Последните неколку години живееше во Гевгелија.
На крајот од 2023 и почетокот на 2024, Јаневски одржа пет концерти во Филхармонијата со наслов „Златни години – Најдоброто од Владо Јаневски“, со кои прослави 30 години кариера. Две години по ред, во 2024 и во 2025 тој го наполни Античкиот театар во Охрид и кажа дека сака да му стане традиција, секој август да пее на истата сцена.
„Како млад не можев ни да сонувам дека овие години ќе ми бидат најубави и дека олку ке уживам во секој ден. Зрелоста на оваа возраст ја гледам во тоа што веќе одамна престанав да ги бркам ‘големите работи‘ кои ги сметав за многу важни. Сега убавината на денот ја мерам со малите задоволства кои ме исполнуваат. Кариерата е само мисловна именка, ама животот не е. Затоа, кога ќе ме слушнете да пеам за златните години, значи дека мислам на овие години кои ги живеам сега“, рече Владо Јаневски во 2023 за СМАРТ.СДК.МК.
М. ЏАРОВСКА



