ПОЧНА СУДЕЊЕТО НА АРТАН ГРУБИ И ШЕСТ ОД СЕДУМТЕМИНА СООБВИНЕТИ ЗА ПРОНЕВЕРА НА 8,2 МИЛИОНИ ЕВРА ОД ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА, ВО БЕГСТВО Е ДИРЕКТОРОТ ПРПАРИМ БАЈРАМИ

    ПОЧНА СУДЕЊЕТО НА АРТАН ГРУБИ И ШЕСТ ОД СЕДУМТЕМИНА СООБВИНЕТИ ЗА ПРОНЕВЕРА НА 8,2 МИЛИОНИ ЕВРА ОД ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА, ВО БЕГСТВО Е ДИРЕКТОРОТ ПРПАРИМ БАЈРАМИНа сите обвинети им се става на товар кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5, во врска со став 4 и став 1, како и член 22 од Кривичниот законик, за кое пропишаната казна е од една до пет години затвор. (Фото: К. Попов)

    Судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски денеска го отвори судскиот процес против поранешниот вицепремиер Артан Груби и уште седуммина обвинети од Државна лотарија, но со еден недостапен меѓу нив, Прпарим Бајрами, претседател на Управниот одбор и Генерален директор на Државна лотарија, кој е во бегство рсчиси две години. За него веќе е одредена мерка притвор од пронаоѓање во траење од 30 дена. И за Груби имаше исто таква мерка, но кога се предаде на граница, само два саата беше во притвор и веднаш ослободен од Шутка и пратен во домашен притвор.

    На сите обвинети им се става на товар кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5, во врска со став 4 и став 1, како и член 22 од Кривичниот законик. Пропишаната казна за овие кривични дела, е од една до пет години затвор.

    Одбраната побара да се запознае со големиот број документи/докази, па судијката им даде време до седми септември во 12 часот. Отсега закажа термини за судење и на 11, 16, 18, 23, 25 и 30 септември, па на први, втори, осми, деветти, 15, 16, 20 и 21. октомври.

    Обвинетите во текот на 2023 и 2024 заеднички презеле дејствија со кои ги пречекориле границите на своите посебни овластувања и должности, со намера да му нанесат штета на оштетеното правно лице Акционерско друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија во значителна вредност од 507.632.173 денари (над 8.2 милиони евра).

    Тие биле свесни дека Акционерското друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија немало право да приредува електронски игри на среќа на видеолотариски терминали на територијата на државава, бидејќи во 2013 година го вложило тоа право како непаричен влог со вредност од 6.244.898 евра при основањето на Друштво за приредување игри на среќа Државна видеолотарија на Република Македонија-КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје, за што се стекнало со удел во висина од 51% од основната главнина на друштвото. И покрај тоа, првообвинетиот Бајрами, генерален директор и претседател на Управниот одбор на “Државна лотарија”, на 09.05.2023 година, до третиот обвинет Методија Димовски, генерален секретар на Владата, доставил Информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување на електронските игри на среќа. Во информацијата со предлог-заклучоци навел дека вредноста на набавката изнесува 42% од сметководствената вредност на имотот на друштвото, определена врз основа на последните финансиски извештаи на друштвото и како таква ќе претставува голема зделка, а нејзиното одобрување е во надлежност на надзорниот одбор на друштвото.

    Димовски на 06.06.2023 година ја предложил оваа информација како дополнување на точка на дневен ред на владина седница, со што постапил спротивно на чл.119 ст.2 од Деловникот за работа на Владата на РСМ и не ја вратил информацијата до подносителот односно не ја препратил до надлежниот орган, стои во обвинителниот предлог.

    Второобвинетиот Груби кој имал реално влијание во раководењето со АД Државна лотарија, во својство на одговорно лице, претседавал со седница на Влада на Република Северна Македонија во својство на собрание на Државната лотарија и предложил вака дополнетата точка на дневен ред да се усвои, иако бил свесен дека одлуката не е во надлежност на Владата како Собрание на Акционерското друштво. Доставената информација била усвоена и Акционерско друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија било задолжено да ги преземе потребните активности за започнување на самостојно приредување на електронски игри на среќа и спроведување на јавна набавка на видеолотариски терминали. Останатите обвинети, претседател и членови на Надзорниот одбор, иако знаеле дека законската процедура не е испочитувана, донеле одлука со која го одобриле отпочнувањето на постапката за јавна набавка на видеолотариски терминали за приредување електронски игри на среќа како голема зделка. Јавната набавка се реализирала и биле преземени обврски за исплата со кои на АД Државна лотарија била нанесена штета во наведениот износ.

    Останати обвинети во овој предмет се членовите на надзорниот одбор на Лотарија: Башким Авдиу, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамаданоски, Александар Димитриоски.

    Груби по 14-месечно бегство се предаде на граничниот премин Блаце на 23 февруари 2026. Беше избеган во Косово, каде за влез не треба пасош туку само лична карта. Обвинителот Даниел Коцев од ОЈО Скопје го остави само пола ден во затворски притвор и веднаш мерката му ја ублажи во куќен притвор.

    Со оглед на тоа што обвинителот поднесе обвинителен предлог, согласно член 470 став 4 од Законот за кривична постапка, мерката притвор може да трае најдолго 60 дена од денот на поднесувањето на предлогот (13 август), до завршувањето на главната расправа. Тоа значи дека мерката притвор може да трае најдолго 60 дена сметано од 13 август.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира