Судијата Илија Трпков го почна судскиот процес за плацевите што ги купил Никола Груевски на Водно, неурбанизирани за 1,2 милиони евра, со пари за кои е обвинет дека ги украл од членарините на луѓето од ВМРО-ДПМНЕ што мислеле дека даваат за партијата.
Тие пари од членовите на ВМРО-ДПМНЕ, потоа Груевски, според обвинението, ги испрал со помош на сообвинетите: Јордан Камчев, Сашо Мијалков, кумот на Груевски Ристо Новачевски, адвокатот на Орце Ненад Јосифовиќ и мајката Ратка Куновска – Камчева.
Во прилог на ова обвинение се и доказите од Кипар собрани со меѓународна правна помош, како доказ како преку фирмите на Камчев и на Мијалков, биле перени и прикажани како легални за да се купат плацевите за тогашниот премиер Груевски.
Споменатите имиња се сите обвинети во овој предмет. Обвинението го поднесе и го застапува обвинителката Лиле Стефанова.
Камчев и Мијалков беа спроведени од Шутка, односно од притвор. Останатите обвинети се со мерки за обезбедување присуство.
Груевски го следи судењето на братучедот Мијалков, на кумот Новачевски и на Камчеви, од Будимпешта. Тој е избеган од ноември 2018 година.
Груевски избега од Македонија по пресудата од две години затвор за набавката на „мерцедесот“ со пари на МВР, но и по серија обвиненија и истраги со докази за тежок финансиски криминал, корупција и организиран криминал.
Речиси сите негови соработници завршија пред суд.
Груевски го застапува адвокатот по службена должност Мехмет Сефери.
Обвинителката Стефанова за него предложи да му се суди во отсуство, зашто веќе бил сослушан во предистражна постапка и дал одбрана. Судијата Трпков прифати.
Во преполната сала во Основниот кривичен суд Скопје треба да почне Лиле Стефанова со својот воведен збор за обвинението.
С. К. ДЕЛЕВСКА