ПОРАДИ НЕКОЛКУ ЛОКАЛИ ЌЕ СТРАДА ЦЕЛО УГОСТИТЕЛСТВО АКО ВЛАДАТА НЕ ДОЗВОЛИ ДА ЗАТВАРАМЕ ЗА НЕПОЧИТУВАЊЕ НА КОВИД-ПРОТОКОЛИТЕ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ПАЗАРНА ИНСПЕКЦИЈА

    ПОРАДИ НЕКОЛКУ ЛОКАЛИ ЌЕ СТРАДА ЦЕЛО УГОСТИТЕЛСТВО АКО ВЛАДАТА НЕ ДОЗВОЛИ ДА ЗАТВАРАМЕ ЗА НЕПОЧИТУВАЊЕ НА КОВИД-ПРОТОКОЛИТЕ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ПАЗАРНА ИНСПЕКЦИЈАПазарните инспектори, според законските прописи, немаат надлежност да го затвораат угостителскиот локал ако не се почитуваат ковид-протоколите туку само да му поднесат кривична пријава и да добие парична казна, инспекторите може да затворат локал само ако работи повеќе од дозволеното работно време; - Од концертот на српскиот пејач Владо Георгиев во скопскиот локал „Мош“. (Фото: Принтскрин од видео)

    Деветнаесет кафулиња и ресторани вчера се казнети низ целава земја во акција на Државниот пазарен инспекторат поради непочитување на ковид-протоколи и за надминување на работното време. По завчерашната кривична пријава, скопското кафуле „Мош“ и вчера доби кривична пријава за непочитување на протоколите на вториот концерт на српскиот пејач Владо Георгиев. Локалот ќе добие решение за затворање од понеделник, бидејќи минатата недела го пречекорил работното време, но инспекторката е во изолација па затоа тоа досега не е спроведено.

    Пазарните инспектори, според законските прописи, немаат надлежност да го затвораат угостителскиот локал ако не се почитуваат ковид-протоколите туку само да му поднесат кривична пријава и да добие парична казна. Инспекторите може да затворат локал само ако работи повеќе од дозволеното работно време.

    „Поради неколку локали, како на пример ‘Мош’ и ‘Аватар’ во Струмица, сите други угостители ќе сносат последици. Нема разбирање, многу лош впечаток оставаме како држава. Побаравме од Владата да достави предлог до Собранието да ни се зголемат ингеренциите за да може веднаш да затвораме“, вели Директорот на Државнот пазарен инспекторат Стојко Пауновски.

    Тој вели дека вчера низ цела држава се напишани 8 кривични пријави за непочитување протоколи, 7 за организирање свадби и 4 прекршочни пријави за надминување на работно време.

    Поради тоа што Пазарната инзекција нема ингеренции да затвора, прексиноќа не беше затворено скопското кафуле „Мош“ каде на првиот концерт на Георгиев не се почитуваа протоколите, немаше дистанца, ниту некој носеше маска, а имаше голем број гости.

    „Нека размисат во Владата како понатаму, оти ние џабе контролираме и пишуваме записници кога локалите не можеме да ги затвориме. Газдите поминуваат само со парична казна од 4.000 евра, а за гостите кои не почитуваат протоколи нема никаква казна. Мора да се донесе итно законска измена за да можеме да постапуваме со затворање на локалите“, рече вчера директорот Пауновски.

    Асоцијацијата на ивент индустријата ИВАП побара Владата веднаш да стави ред во работењето на угостителскиот сектор, да се сакнционираат прекршителите на ковид-протоколите, а идните вакви или слични настани да не се спречат пред да се случат. Асоцијацијата укажува дека „угостителските објекти не се место за концерти, не се безбедно место ниту за персоналот ниту за гостите, а угостителите не се организатори на настани ниту промотори“.

    „Прашуваме, како е возможно да се дозволат овие музички настани, зошто не се спречени за да
    се намали евентуално ширење на вирусот туку отпосле се пишуваат казни и се поднесуваат кривични пријави за кои никој од нас не знае дали имаат завршница? Дали Владата е свесна дека со премолчувањето и несанкционирањето на ваквите појави директно влијае на уништување на цела една индустрија во државава, а тоа се организаторите на настани, промоторите, културните работници? По кој член од протоколот за организација на настани работат угостителските објекти? Зошто на културните настани е дозволено само седење и со 30% исполнетост на капацитетот, а во угостителските објекти овие правила не важат? Имаме право како Асоцијација да знаеме како се исплатени хонорарите на странските артисти кои настапуваа изминатиов период и дали и каде е платен персоналниот данок? Дали се пријавуваат влезници за настаните и дали за нив е платен ЗАМП од 10%? Дали и како се продаваат влезници и дали за нив е платен ДДВ од 18% Дали и колку се издаваат фискални сметки на пијалоците за време на овие настани?“, реагираат од ИВАП.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира