РАСПИШАН ТЕНДЕРОТ ЗА ЕДЕН ОД ВЛЕЗОВИТЕ ВО ПОДЗЕМНАТА УЛИЦА ПОД ЗГРАДИТЕ НА „ЛИМАК“ ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ

    РАСПИШАН ТЕНДЕРОТ ЗА ЕДЕН ОД ВЛЕЗОВИТЕ ВО ПОДЗЕМНАТА УЛИЦА ПОД ЗГРАДИТЕ НА „ЛИМАК“ ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕСпоред тендерската документација објавена на Бирото за јавни набавки, ќе се гради потегот од крстосницата кај „Тутунски комбинат“ до влезот на подзмената улица, а рокот за доставување понуди е до 15 декември. (Фото: СДК.МК)

    Град Скопје го распиша тендерот за изградба на првата фаза на булевар Македонија, односно пристапите за влез и излез од подземната сообраќајница под станбено-трговскиот комплекс „Лимак“ во центарот на градот. Според тендерската документација објавена на Бирото за јавни набавки, ќе се гради потегот од крстосницата кај „Тутунски комбинат“ до влезот на подземната улица,  а рокот за доставување понуди е до 15 декември.

    „По завршувањето на правната постапка, веднаш започнуваме со работа. Потоа ќе следат следните фази за изградба на кружен тек кај ‘Нова Македонија’ и двата кружни тека на потегот кај булевар Кочо Рацин и улица Железничка, кои ќе овозможат побезбеден и побрз проток, со паметни и современи решенија согласно европските стандарди“, вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

    Договорот за Јужен булевар под земја со турскиот инвеститор „Лимак“ беше потпишан во 12 март 2012 од тогашниот градоначалникот Коце Трајановски, и на тогашната прес-конференција беше најавено дека ќе се почне со градба за една година при што прво инвеститорот треба да ја изгради улицата, а потоа објектите над неа. Но, повеќе од 6 години на терен ништо не се работеше, ниту пак од Град Скопје кажуваа зошто проектот не се реализира.

    Подземната улица ќе биде долга 746 метри и широка 37 метри, ќе има по две сообраќајни и помошни ленти во двата правци и две трамвајски линии во средината..(Фото: К.Попов)

    Со доаѓањето на градоначалничката функција на Петре Шилегов во 2017, од „Лимак“ рекоа дека ги надминале проблемите со добивањето на потребните дозволи и во септември 2018 почнаа градежните работи. Во кампањата за локалните избори 2021 Шилегов ги промовираше проектите за кружните текови и тогаш рече дека по завршување на изборите ќе почнат постапките за нивна изградба.

    Со доаѓањето на функција на Данела Арсовска во 2021, не беше ништо направено за овој проект. Од „Лимак“ пред две години за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека градежните работи на подземната улица се при крај, но нема никакви активност во делот кој треба да го изведе Град Скопје.

    Подземната улица ќе биде долга 746 метри и широка 37 метри, ќе има по две сообраќајни и помошни ленти во двата правци и две трамвајски линии во средината.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира