Ратификацијата на Договорот од Преспа ќе биде историски чекор, рече вечерва грчкиот премиер Алексис Ципрас во обраќањето во Парламентот каде трае расправата за ратификацијата на Договорот со Македонија. Тој кажа дека долготрајниот спор и одзеде на Грција скапоцен дипломатски капитал.
„Инерцијата, кукавичлукот и одложувањето резултираа со тоа што над 130 земји, меѓу кои САД, Русија и Кина, ја признаа ФИРОМ едноставно како Македонија“, рече Ципрас, кој исто така ги осуди заканите и заплашувањата за пратениците кои го поддржуваат Договорот од Преспа.
За ратификацијата на Договорот, Парламентот ќе гласа утре во 14.30 часот по локално време (13.30 по македонско).
Грчката полиција вечерва со солзавец ја растера толпата што протестираше пред Парламентот против Договорот. Околу 2.000 демонстранти се собраа пред Собранието и скандираа „предавници“ додека трае расправата за ратификацијата на Договорот со кој ќе се реши 27-годишниот спор за името и кој, меѓу другото, предвидува новото име на државата да биде Република Северна Македонија, со што ќе се деблокира нејзиниот влез во НАТО. Околу 6.000 демонстранти протестираа на уште две локации низ Атина, а 1.500 полицајци се на улиците. Околу 3.000 луѓе вчерва протестираа и во Солун.