РАЗМИСЛУВАМЕ ДА СЕ ПРИСУСТВУВА НА НАСТАНИ И НА ЗАТВОРЕНО И НА ОТВОРЕНО САМО СО СЕРТИФИКАТ ЗА ВАКЦИНА, КАЖА ФИЛИПЧЕ

    РАЗМИСЛУВАМЕ ДА СЕ ПРИСУСТВУВА НА НАСТАНИ И НА ЗАТВОРЕНО И НА ОТВОРЕНО САМО СО СЕРТИФИКАТ ЗА ВАКЦИНА, КАЖА ФИЛИПЧЕВо земјава досега се вакцинирани вкупно 428.081 граѓани. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Вакцинацијата против ковид-19 за жал не е задолжителна ни кај нас, ни нигде во светот, и затоа мораме да размислуваме за некои рестриктивни мерки, како на пример за настани на отворено и во затворен простор, со масовно присуство, како на пример киносали и културни настани, да се бара сертификат за примена вакцина, кажа денеска министерот за здравство.

    „Свесни сме дека можеби и покрај сè што правиме, интересот за вакцинација нема да се зголеми. Размислуваме за некаква форма на рестрикција, ние не можеме и нигде во светот вакцинацијата не е задолжителна. Затоа мораме да размислуваме за некои други алтернативни решенија, на пример да се присуствува на настан со масовно присуство, дали на отворено, дали во затворено, дали во кино, дали културен настан, дали други објекти, само со таков сертификат“, кажа Филипче на денешната прес-конференција.

    Франција и Грција наредија задолжителна вакцинација за сите здравствени работници, и воведоа рестрикции за невакцинираните граѓани. Франција на пример, воведе и специјални ковид-пропусници за сите што сакаат да одат во ресторан, трговски центар, болница, кино или да патуваат со воз и авион.

    На новинарско прашање дали ќе се бара задолжителна вакцинација за здравствените работници и кај нас, Филипче рече дека опфатот на вакцинирани здравствени работници е висок, околу 85 отсто. Се чекаат анализите за процентот на вакцинираните вработени во образованието и во градинките.

    На вакциналните пунктови во државата заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 428.081 граѓани, и како што кажа Филипче пред Клиниката за кардиологија, очекува до крајот на јули да бидат 500 илјади вакцинирани. Тоа, според него е мала бројка, и затоа апелира до граѓаните да се вакцинираат.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира