САКАВ ДА ИЗВЛЕЧАТ МАКАР САМО ДЕЛ ОД МЕНЕ, ДРУГОТО ШТО МИ БЕШЕ ЗАТРУПАНО НЕКА ГО ИСЕЧАТ И ОСТАВАТ ТАМУ, СВЕДОЧЕШЕ МАЛОЛЕТНИЧКА ЗА АГОНИЈАТА ВО „ПУЛС”, РЕЧЕ ДЕКА ВИДЕЛА ПОЛИЦАЈЦИ КОИ МОЖЕЛЕ ДА ГИ СТОПИРААТ ОГНЕНИТЕ ПРСКАЛКИ ПРЕД ПОЖАРОТ

    САКАВ ДА ИЗВЛЕЧАТ МАКАР САМО ДЕЛ ОД МЕНЕ, ДРУГОТО ШТО МИ БЕШЕ ЗАТРУПАНО НЕКА ГО ИСЕЧАТ И ОСТАВАТ ТАМУ, СВЕДОЧЕШЕ МАЛОЛЕТНИЧКА ЗА АГОНИЈАТА ВО „ПУЛС”, РЕЧЕ ДЕКА ВИДЕЛА ПОЛИЦАЈЦИ КОИ МОЖЕЛЕ ДА ГИ СТОПИРААТ ОГНЕНИТЕ ПРСКАЛКИ ПРЕД ПОЖАРОТЌерка на обвинет сведочеше дека на тројца полицајци надвор им рекла да помагаат, ѝ кажале оти тоа не е нивна област, рече дека кога почнала хистерично да вика, едниот ѝ кажал дека ќе ја приведе ако не престане. (Фото: СДК.МК)

    Судењето против 13-темина полицајци од СВР Штип и од Полициската станица (ПС) Кочани кои се обвинети за Тешки дела против општата сигурност во врска со катастрофалниот пожар со 63 жртви во незаконското диско „Пулс”, продолжи со сведочењето на Елеонора Китанова (17), која лани на 16 март била 16-годишно дете пуштено на врата во дискотеката, на концерт на „ДНК“ .

    Во присуство на нејзината мајка, таа одговараше на прашања на обвинителката Спасенка Андонова, а судијката Фанка Јанчулева стана и стоеше до девојчето.

    Китанова одговори дека иако 16-годишна, ѝ продале карта, ја пуштиле внатре и на двапати без проблем купила пијачка. Била со дечкото за кого кажа дека е многу повреден.

    „Имаше многу гужва. За концертот дознав два дена претходно. Случајно отидов, за да не кршам атер на друштвото. Сигурно биле информирани од фејсбук страната на диското. Не ја следам нивната страна, ама знаев за концертот на ‘ДНК’”, одговараше девојчето на прашањата на обвинителката Андонова чија цел е да докаже дека не е можно само полицијата да не знаела оти таа вечер во диското ќе има концерт на „ДНК“.

    Китанова рече дека додека била на масата, не забележала присуство на полицијата, но подоцна да.

    „На враќање од тоалет, на првата внатрешна врата во диското, забележав полицаец. Му ја видов значката, а лицето не. Кога се вративме на маса, од групата ‘ДНК’ рекоа: Ајде сега да ги поздравиме полицајците. Беше и брат ми со мене. Ако речеа да излезам, бев спремна. Но никој не ме забележа дека сум малолетна. Бевме до бината, но таму не видов полицајци”, рече таа.

    На прашање одговори дека на бината од двете страни имало по една кутија, за кои рече дека биле прскалките. Тие биле видливи за гостите.

    „Откако се вклучија прскалките, ‘ДНК’ испеа две-три песни. Кај два и пол часот сакав да снимам. Го оставив мобилниот на маса, за три-четири минути избувна пожарот. Почнаа луѓето да излегуваат, но некако бавно. Останавме само јас, брат ми и Мартин. Мартин ми рече, ај да излегуваме. И ‘ДНК’ рече излезете, брзо ќе се вратиме. До нас сите беа малолетни, тие набрзина излегоа на претходното предупредување за рацијата”, рече Китанова.

    „Дали полицаецот со значката можеше да ја види бината од местото кај што стоеше?”, праша обвинителката Андонова.

    „Диското не беше толку големо за да не може некој да ја види бината”, одговори таа.

    Потоа збувнал огнот, се создало стампедо. На лицето ѝ паднал запален сунѓер.

    „Повредените трчаа врз паднатите. Паднав, немав воздух, ја изгубив свеста. Кога последен пат зедов воздух, толку многу ме гореше тука на плуќата. Кажав: толку е од животот! Мартин ме штитеше, врз неговиот грб паѓаа запалени сунѓери, пластики…Се струполи и тој до мене”, сведочеше Китанова.

    Ја извлекол пожарникар.

    „Кога сум била онесвестена, биле изнесени многу од поведените и мртвите. Нешто ме разбуди. Ги отворив очите. Од вратот надолу бев затрупана сè уште. Од огнот се гледаше светлина. Ја подигнав раката. Пожарникарот мислеше дека сите сме мртви, зашто никој не дишеше”, сведочеше Китанова и рече дека во главата уште ѝ ечи вриштење: „Отворете ја вратата, отворете ја вратата”.

    „Сигурно беше затворена штом сите се деревме да ја отворат вратата!”, рече таа. Во публиката се вознемирија присутните родители на загинатите, зашто според нив, полицијата однадвор ја држела вратата за да не избегаат малолетниците, незнаејќи дека внатре за неколку секунди избувнал пожар кој достигна 800 степени целзиусови.

    „Сакав да ми извлечат макар само дел. Нека исечат од мене тоа што не може да се извлече, што е затрупано, другото нека го извлечат. Пожарникарот ме виде, со сета сила ме извлече, ме фрли надвор на тепихот, жива”, рече Китанова која била затрупана на излезот од паднати тела.

    Таа кажа дека кога ја извлекле немала сила да оди. Ја седнале на земја, гола надолу. Грбот ѝ  бил одран. Видела крв по колите кај што се потпирале изгорените.

    По неа сведочеше Тијана Коцева, ќерка на обвинетиот Тодор Јованов. Сведочеше дека полицаец легитимирал вечерта внатре, барал малолетници. И таа се онесвестила кога избувнал пожарот. Кога се освестила, хистерично викала за помош, ја извлекол пожарникар.

    На тројца полицајци надвор им рекла да помагаат,  ѝ кажале оти тоа не е нивна област. Рече дека кога почнала хистерично да вика, едниот ѝ кажал дека ќе ја приведе ако не престане.

    Во оваа група обвинети полициски службени лица се Дејан Салтировски, Ванчо Георгиевски, Марија Маневска, Томо Донев, Драган Петрушев, Кире Богатинов, Стојанче Филипов, Благица Митева, Кристина Николова, Мазлу Рамаданов, Дарко Милошевски, Мартин Арсовски и Марјан Радевски.

    Тие се обвинети дека не постапиле според прописите за мерките за заштита, одобриле План за акциска контрола на угостителски објекти на подрачјето на ПС Кочани, без да проверат дали планот ги има опфатено сите проверки во надлежност на МВР и дали се запазени одредбите од Стандардните оперативни процедури за проценка и управување со ризик при вршење на полициски работи. По овој план, кој бил изготвен врз основа на претходно изготвени планови, без било какви измени, било постапено, и на 16 март 2025 на место каде што биле собрани поголем број на луѓе – кабаре „Пулс”, не преземале мерки да спречат активирање на пиротехничка опрема на сцената каде настапувала музичката група „ДНК” во моментот кога ја вршеле контролата, чие палење не било пријавено во полициската станица Кочани, а од која пиротехника како последица настанал пожар во дискотеката, со што не преземале мерки за заштита за присутните лица во дискотеката, каде поради несоодветните услови за работа во текот на акциската контрола настанал пожар, и со тоа предизвикале настапување на смрт на 63 лица, а над 200 лица добиле потешки и полесни телесни повреди и телесни повреди.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира