Самир Патрон и Бранко Караколев од Нов Дојран го исчистија отворениот канал долг околу 500 метри низ кој треба да се влева вода од Хидросистемот „Ѓавато“ во Дојранското Езеро, а на кој работеа речиси месец дена. Откако го исчистија горниот дел од каналот и ја искосија тревата околу него, тие денеска ангажираа и мини багерче за да ги исчистат последните метри од бетонскиот канал, а ангажманот го плати Агим Мехмети од Стар Дојран. Тие велат тој дел бил обраснат со многу трева, а во коритото насобрана многу кал, чакал и друг отпад и било невозможно да се работи рачно со лопати на овој потег каде се влева водата во езерото.
„Багерчето планиравме да го платиме од наши пари или од средствата што ги донираа граѓаните на сметката која ја отворија за оваа намена. Но, се јави Агим Мехмети од Стар Дојран, и тој реши да го покрие овој трошок. Не можевме сами, бидејки тешко беше со голи раце да се работи на овој потег. Сега конечно го исчистивме целиот канал. Можеби околу 20-тина тракторски приколици отпад изнесовме од каналот изграден пред 20-тина години. Утре, Општина Дојран ќе пушти трактор со приколка да го собере растителниот отпад“, ни кажа 33-годишниот Самир Патрон.

Тој дел бил обраснат со многу трева, а во коритото насобрана многу кал, чакал и друг отпад и било невозможно да се работи рачно со лопати на овој потег каде се влева водата во езерото. (Фото: СДК.МК)
Двајцата граѓански активисти, кои по текстот на САКАМДАКАЖАМ.МК на 28 август за нивната акција станаа хит на социјалните мрежи, се заблагодарија до сите кои помогнале во нивната мисија и најавија дека сега ќе почнат да го чистат и каналот од Топлец.
„Горди сме што го исчистивме каналот и што конечно заличи овој предел. Навистина беше запуштен и обраснат со трева целиот канал, а сега може да биде и место за рекреација онака како што било кога се изгради“, вели Самир.
Самир и Бранко одлучија да го чистат каналот откако беше најавено дека ќе почне да функционира „Ѓавато“ за да го полни Дојранското Езеро. Лани во ноември, кога беа активирани три пумпи од бунарското подрачје кај Богданци после неколку години застој, дел од водата кај отворениот канал почнала да се излева во околните ниви. Тоа било причината што доброволно и на своја иницијатива, со лопати, вили и моторни пили Самир и Бранко почнаа да го чистат отворениот канал.
В. ТРАЈКОВ