СЕ ИЗЛИЗГА ЗЕМЈИШТЕ НА ГРАДИЛИШТЕ, ПРОПАДНА ТРОТОАР И БАНДЕРА ПАДНА ВРЗ КОЛА ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ

    СЕ ИЗЛИЗГА ЗЕМЈИШТЕ НА ГРАДИЛИШТЕ, ПРОПАДНА ТРОТОАР И БАНДЕРА ПАДНА ВРЗ КОЛА ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕСпоред граѓани кои се јавија во нашата редакција, земјата се срушила додека багер работел во внатрешноста на ископот, при што пропаднал дел од улицата покрај градилиштето. (Фото: СДК.МК)

    Се излизга земјиштето на градилиште на булеварот Теодосиј Гологанов во близина на Католичка црква во Скопје, по што цел тротоар пропадна и бандера падна врз кола. Според граѓани кои се јавија во нашата редакција, земјата се срушила додека багер работел во внатрешноста на ископот, при што пропаднал дел од улицата покрај градилиштето.

    „Денеска (25.05.2026) околу 13:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул. Христо Смирненски при вршење на ископ на дупка за изградба на зграда со работна машина багер, ангажиран од фирма-инвеститор, настанало свлечиште на земјата, при што бил затрупан багерот, но лицето кое го управувало навреме излегло. Од свлечиштето оштетени се делови од тротоарот и улицата, а паднала и бандера која оштетила возило ‘дачија сандеро’, сопственост на Е.М.. Известени се Центар за управување со кризи, ЕВН и други институции, а на местото на настанот се упатени полициски службеници и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопшти МВР.

    Фејсбук страната „Во одбрана на Буњаковец“ објави дека свлечиштето е на спојката на улицата Христо Смирненски и булеварот Теодосиј Гологанов во центарот на Скопје и дека на градилиштето се работело и денес, на државен празник. Оттаму велат дека е оштетена целата инфраструктура: кабли за струја, телекомуникации.

    Жителите од околните згради велат дека уште од стартот предупредувале на небезбедното копање и недостатокот на соодветна заштита.

    Пред еден месец, на 24 април, еден работник загина, а четворица беа повредени откако биле затрупани од насип со земја на градилиште во општина Кисела Вода.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира