СЕДУМ МЕСЕЦИ Е ВО БЕГСТВО СТЕФАН ДИМОВСКИ, ОСУДЕН НА 8 И ПОЛ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ТРГОВИЈА СО ДЕТЕ, ПОЛИЦИЈАТА СÈ УШТЕ БЕЗУСПЕШНО ГО БАРА

    СЕДУМ МЕСЕЦИ Е ВО БЕГСТВО СТЕФАН ДИМОВСКИ, ОСУДЕН НА 8 И ПОЛ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ТРГОВИЈА СО ДЕТЕ, ПОЛИЦИЈАТА СÈ УШТЕ БЕЗУСПЕШНО ГО БАРАДимовски, како првообвинет во случајот за сексуална злоупотреба на дете под 15 години, со одлука на Апелацискиот суд доби казна од 8 и пол години затвор, со што му беше зголемена првостепената казна од 5 и пол години што претходно му ја изрече Основниот кривичен суд Скопје. (Фото: СДК.МК)

    Правосилно осудениот велешанец Стефан Димовски (29) од март е во бегство и по седум месеци сè уште не е лоциран, ниту пак приведен на издржување на затворската казна. Тој, како првообвинет во случајот за сексуална злоупотреба на дете под 15 години, со одлука на Апелацискиот суд доби казна од 8 и пол години затвор, со што му беше зголемена првостепената казна од 5 и пол години што претходно му ја изрече Основниот кривичен суд Скопје. На Димовски претходно му беше одреден домашен притвор, за што приложи гаранција од 70 илјади евра, а како мерка за претпазливост му беше забрането да го напушта местото на живеење. Сепак, откако во круговите на осудените пролетва се дознало за повисоката затворска казна изречена од Апелација уште пред нејзиното јавно објавување, Димовски исчезна.

    „Во Основен суд Велес е заведен предмет против осудениот Стефан Димовски за продолжено кривично дело Трговија со дете. Од страна на СВР Велес на 03.04.2026 година издадена е наредба за негово приведување, па откако осуденото лице не беше пронајдено, на 08.04.2026 година беше распишана централна потерница и истовремено беше поднесено барање за поведување екстрадициона постапка. На 21.04.2026 година од страна на судијата за извршување на санкции беше доставена изјава до СВР Велес, по што на 04.05.2026 година од страна на Интерпол Скопје е распишана и меѓународна потерница. Постапката е во тек“, информира судијката Сања Велевска, портпаролка на Основниот суд Велес.

    Полицијата засега нема информации каде се наоѓа осудениот, дали е сè уште во земјава или успеал да премине преку граница, иако пасошот му бил одземен.

    „Ве известуваме дека МВР презема соодветни мерки и активности за негово пронаоѓање“, соопштија кратко од МВР.

    Во образложението на првостепената пресуда, зборовите на судијката Даниела Димовска остануваат да ѕвонат:

    „Чинија полна со неограничени количини кокаин стоела на маса пред младите. Треба да се запрашаме дали тие имаат контрола, дали знаеме каде се движат малолетните, дали кокаинот е единственото нешто што ги прави среќни, дали родителите знаат што се случува со нивните деца и дали можат да создаваат здрави врски што ќе градат здрави семејства? Ова се прашања за целото општество“, истакна тогаш судијката Димовска.

    Димовски, како првообвинет, од крајот на декември 2021 година и во текот на 2022 година, преку закани кон малолетното девојче им овозможил на останатите 11 обвинети да вршат полови дејствија, сексуална експлоатација и порнографија. Тој во декември 2021 година преку социјалната мрежа Инстаграм стапил во контакт со тогаш 15-годишното девојче. По неколкунеделна континуирана комуникација и стекнување доверба, ја довел во заблуда дека ќе започнат љубовна врска. Уште на првата средба бил направен компромитирачки материјал со интимна содржина, кој потоа го користел за уцена и ѝ се заканувал дека доколку не се појавува на следните средби, ќе ги објави снимките на социјалните мрежи и ќе ѝ ги наруши честа и угледот. На тој начин, осудениот во повеќе наврати ја принудувал малолетничката да оди во станови што биле наменски изнајмувани на повеќе локации во Велес.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира