Со ребаланс на буџетот на Град Скопје обезбедени се 350.000 евра за сервисирање на жичницата на Водно. Жичницата два месеца не работи оти има ризик некоја од гондолите да падне бидејќи 15 години не била сервисирана.
Сервисирањето треба да почне летово, и како што велат од ЈСП „Скопје“, во септември жичницата повторно ќе биде ставена во функција.
„До крајот на неделава ќе биде објавен тендерот за избор на фирма за сервисирање по што летово ќе се почне со сервисирање и отстранување на сите недостатоци кои се јавиле низ годините. По направените проценки, со ребаланс на буџетот обезбедени се 350.000 евра. Да се вршело сервисирањето редовно ќе чинело многу помалку“, велат од ЈСП „Скопје“.
Бидејќи жичницата нема да работи цело лето, за туристите кои организирано сакаат да го посетат Водно односно да одат до Милениумскиот крст, Град Скопје издава специјални дозволи за организиран автобуски превоз.
Жичницата од Средно Водно до Милениумскиот крст беше изградена во време на претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски и беше пуштена во употреба на 3 јуни 2011. Жичницата ја градеше австриската фирма „Допелмаер“ и чинише 6,7 милиони евра. Има 28 кабини со носивост од 640 килограми и капацитет за осум лица, како и две ВИП кабини за по четири лица. Гондолите од надворешната страна се опремени со држачи за велосипеди.
А. АНТЕВСКА



