„СЕСТРА, БРАТ И ШАХТА“ НА МАНЧЕВСКИ ПОБЕДИ ВО ТОКИО, ПО 32 ГОДИНИ ПРВА ПОБЕДА НА МАКЕДОНСКИ ФИЛМ НА ФЕСТИВАЛ ОД А-КАТЕГОРИЈА

    „СЕСТРА, БРАТ И ШАХТА“ НА МАНЧЕВСКИ ПОБЕДИ ВО ТОКИО, ПО 32 ГОДИНИ ПРВА ПОБЕДА НА МАКЕДОНСКИ ФИЛМ НА ФЕСТИВАЛ ОД А-КАТЕГОРИЈАГлавните актери Сара Климоска и Филип Трајковиќ меѓу добитниците на наградите на фестивалот во Токио

    „Сестра, брат и шахта“, новиот филм на Милчо Манчевски, победи на Филмскиот фестивал во Токио, кој е од А-категорија. Филмот ја освои главната награда на фестивалот „Токио Гран при“ (Tokyo Grand Prix).

    Ова е првпат македонски филм да победи на фестивал од А-категорија после „Пред дождот“ на Манчевски во Венеција во 1994.

    „За беспрекорното спојување на хуморот, трагедијата и драмата, за човечноста и сочувството што ги покажува кон своите ликови, за сложениот, но кохерентен филм, кој истовремено успева да биде трогателен и разигран, големата награда на Токио – Наградата на гувернерот на Токио за најдобар филм – му се доделува на ‘Сестра, брат и шахта‘“, изјави претседателот на жирито, легендарниот австралиски режисер Ролф де Хер.

    Манчевски им се заблагодари на сите кои верувале во создавањето на филмот.

    „Многу ми е мило што светот ја сака нашата шахта. Благодарност до феноменалната екипа, глумците, финансиерите, спонзорите за довербата во еден чуден филм. Ете пример дека истрајноста и правдата победуваат. Напред, шахта!“, изјави Манчевски по доделувањето на Гран при наградата.

    На свеченото затворање на фестивалот наградата ја подигнаа главните актери Сара Климоска и Филип Трајковиќ и продуцентот Јане Ќортошев.

    „Во Токио дојдовме со шахта, а во Македонија се враќаме со оваа прекрасна награда. Мислам дека ова е навистина добра зделка. Од неизвесноста дали воопшто ќе успееме да го снимиме филмот, до оваа вечер во Токио, навистина поминавме долг пат. Голема благодарност до сите кои веруваа во нас и нè поддржуваа на тој пат. Благодарност до Меѓународниот филмски фестивал во Токио, кој веруваше во нашиот филм и до жирито кое му ја додели оваа прекрасна награда. Аригато гозаимас!“, изјави Ќортошев.

    Годинава, на Токискиот меѓународен филмски фестивал пристигнаа 1.892 филмови од 112 земји и региони. Во натпреварувачката програма беа избрани 15 филма.

    „Сестра, брат и шахта“ е чудна комедија за оние кои имаат и оние кои немаат, во исто време лута сатира и суптилна поема за брат и сестра кои живеат на маргините на општеството. Иако се случува во денешна Македонија, филмот содржи универзално размислување за тоа како луѓето живеат и се поврзуваат во современиот свет.

    Ова е деветти долгометражен игран филм на Манчевски, кој оваа година го реализираше и долгометражниот документарен филм „Добри луѓе“ за трагедијата во Кочани, со што во иста година претстави два филма пред меѓународната публика.

    Освен Агенцијата за филм, филмот го помогнаа и националните филмски фондови и приватни инвеститори од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и Англија.

    Играат Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски.

    Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукција, директор на фотографија е Стефано Фаливене од Италија, кастинг директорка е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, а шминката на Бистра Кечиџиева од Бугарија. Продуцент на филмот е Јане Ќортошев.

    Филмот се снимаше со меѓународна екипа на локации низ и околу Скопје. Копродуценти се „Гала филм“ од Бугарија, „Сенс продакшн“ од Србија, „Амаркорд продакшн“ и „Аугустус колор“ од Италија, „Беркли медиа груп“ од Англија и Тирана филм институт од Албанија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира