СОПРУГОТ НА ДИРЕКТОРКАТА НА ЦЕНТРАЛЕН РЕГИСТАР, ПОТПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА УМС НА ВМРО-ДПМНЕ И СОПРУГАТА НА ПОЧИНАТИОТ ИГОР ЈУГ ИЗБРАНИ НА ОГЛАСОТ НА М-НАВ, ПОРАДИ КОЈ ЌЕ ШТРАЈКУВАА КОНТРОЛОРИТЕ НА ЛЕТАЊЕ

    СОПРУГОТ НА ДИРЕКТОРКАТА НА ЦЕНТРАЛЕН РЕГИСТАР, ПОТПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА УМС НА ВМРО-ДПМНЕ И СОПРУГАТА НА ПОЧИНАТИОТ ИГОР ЈУГ ИЗБРАНИ НА ОГЛАСОТ НА М-НАВ, ПОРАДИ КОЈ ЌЕ ШТРАЈКУВАА КОНТРОЛОРИТЕ НА ЛЕТАЊЕТројцата директори на М-НАВ, Владимир Ристески, Климент Чепуњоски и Фатмир Зимбери, ги селектирале најдобрите кандидати ексклузивно, без сведоци, велат вработените. (Фото: СДК.МК)

    На спорниот оглас, поради кој контролорите на летање во Македонска навигација (М-НАВ) се заканија дека ќе штрајкуваат на 10 јули, примени се: Ивана Југ – сопруга на починатиот Игор Југ, еден од осудените за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, Атанас Стамнов – сопругот на директорката на Централен регистар на Македонија Анита Стамнова, како и потпретседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ Филип Ѓорѓиев, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Ѓорѓиев е примен на работното место „студент ВИ“, додека Југ и Стамнов се примени на работното место „помошник за развој и инвестиции и набавки“.

    Директорот на М-НАВ Владимир Ристески го бараме упорно неколку дена дена, да го прашаме дали при вработувањето било важно кандидатите да се партиски луѓе, како и за други прашања, но тој ниту одговара на телефонските повици, ниту пишува одговор на испратените смс и вибер пораки.

    Ристески, со кого во управниот одбор на М-НАВ се и директорите Климент Чепуњоски и Фатмир Зимбери, прво го прашавме зошто вчера (16.07.2025) се реобјави дел од овој оглас, за три места (две со средно и едно место „советник“, со високо образование).

    Неофицијалните информации се дека другите кандидати ја немале потребната документација, односно не исполнувале услови, па затоа вчера е распишан, реобјавен дел од огласот од 9 јули, само за тие места кои за малку ќе им ги зеле други кандидати без партиски врски. Еден од кандидатите бил одбиен оти не знаел англиски јазик.

    Огласот е повторен за работното место „оператор за трансмисија на податоци и авторизација и надзор на летови“, за работно место „студент ВИ“ и за работното место „самостоен советник“.

    Директорот не ни одговори и зошто во втората фаза интервјуирањето на кандидатите го вршеле ексклузивно само тројцата директори, без сведоци? Вработени во М-НАВ велат дека тие не дозволиле на интервјуата да има дури ни записничар.

    Според постигнатиот договор на менаџментот на М-НАВ, односно Владата, и Синдикатот на контролори на летање за да се спречи штрајкот и затворањето на небото за летови над Македонија, при интервјуа со кандидати за вработување на кое било место во ова државно претпријатие, задолжително требало да присуствуваат претставници од Синдикатот.

    Закажаниот штрајк на контролорите на летање на 10 јули беше спречен, затоа што Владата гарантираше дека ќе им ги исполни сите барања изнесени преку Синдикатот. Требаше да престанат партиските вработувања, да се добие одобрување од Министерството за финансии за оглас за најмалку 6 контролори на летање, зашто фалат исто како што фалат и метеоролози, инжeнери и други суштински професии. Требаше и да се распише тендер за избор на меѓународна, независна агенција која ќе направи анализа во М-НАВ за сегашната состојба и за потребните суштински работни места кои треба да се пополнат за нормално функционирање на претпријатието, но Синдикатот на контролорите на летање е изигран.

    На 14 јули, на темата вработивање со партиски книшки, премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на настанот „Една година резултати“ во чии рамки Царинската управа дава отчетност за сработеното во изминатата една година, рече:

    „За една година со напорна работа, визија и домаќински пристап ја враќаме државата на нозе, дел по дел, институција по институција, систем по систем. Граѓаните го препознаваат новиот пристап. Знаат дека не ветуваме чуда, дека напорно работиме секој ден за да изградиме систем кој не зависи од партиски книшки, туку од правда, отчетност и еднаквост“.

    Мицкоски како лидер на опозицијата изјави: „Партиските книшки не смеат да бидат критериум за вработување“. Уште велеше и: „Ако сакаме да градиме држава заснована на знаење и компетенции, партиските книшки не смеат да бидат критериум за вработување, туку знаењето и вештините. Ова сега што го зборувам можеби на многумина и во нашата партија нема да им се допадне, но мислам дека од некаде треба да се почне. И ако тоа треба ние да го почнеме како и многу процеси во државата, да го почнеме“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира