СВЕДОКОТ ГОЦЕ ТРАЈКОВСКИ ИМ КАЖА НА ПАЛЕВСКИ И ДРУГИТЕ ОБВИНЕТИ ДЕКА СЕ ПСИХОПАТИ И ОТИ ТОЈ НЕ Е БЕСПОМОШНО 14-ГОДИШНО ДЕВОЈЧЕ ДА ИМ СЕ ПЛАШИ ОД ЗАКАНИТЕ

    СВЕДОКОТ ГОЦЕ ТРАЈКОВСКИ ИМ КАЖА НА ПАЛЕВСКИ И ДРУГИТЕ ОБВИНЕТИ ДЕКА СЕ ПСИХОПАТИ И ОТИ ТОЈ НЕ Е БЕСПОМОШНО 14-ГОДИШНО ДЕВОЈЧЕ ДА ИМ СЕ ПЛАШИ ОД ЗАКАНИТЕПалевски му е тетин (зет за втора братучетка на мајка му), но Траjковски рече дека во живот не го видел ни него, ни тетката. (Фото: К. Попов)

    Во судницата на Кривичниот суд Скопје денеска сведочи Гоце Трајковски, кумашин со таткото на грабнатата и убиена 14-годишна Вања Ѓорчевска, а кој е клучен за поврзување на нејзиното исчезнување со тоа на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.

    На почетокот Трајковски им се обрати на обвинетите Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, им рече да престанат со заканите, зашто им поднел пријави.

    „Имам закани од психопативе овде, преку членови од партијата на Фејсбук што ја имаат, од фејсбук профил Недвижности Битола, пишале: ‘Гоце од Добрашане, пази што правиш!'”, рече Трајковски.

    „Не им се плашам. Им пцуев и мајки и шајки, се живо. Не сум ви јас 14-годишно девојче и немоќен старец па да ви се плашам!”, кажа тој.

    Палевски му е тетин (зет за втора братучетка на мајка му), но Траjковски рече дека во живот не го видел ни него, ни тетката.

    „За исчезнувањето на Вања Ѓорчевска дознав дента на 27 ноември 2023 година, од социјалните мрежи. Ќерка ми учи во истото школо, ‘Песталоци’. Ѝ свртев, не ми креваше. Сабајлето дигнав паника, ѝ свртев на мајка ми, рече не се секирај, таму е, ја следам на џи-пи-ес. Кај еден часот ми рече, знаеш ли чие е детево што исчезнало? На Сашо Ѓорчевски, кумот. Сашо ми беше кум на првата свадба. Мајка ми ми рече, јави му се да не му треба помош, имаш луѓе сегде. Му пишав:’Здраво Сашо, Гоце е, на Кираца синот. Ако треба помош, пиши ми, барај ме’. Ми пиша вечерта”, одговараше Гоце Трајковски на прашања на обвинителката.

    „Утредента на 28 ноември 2023 година се видовме пред зградата откај што ја земаа Вања. Ми рече исчезната е и никогаш не се случило вака да ја нема цел ден. Го прашав по која патека оди за накај училиште. Ми покажа џи-пи-ер-ес апликација, што ја имале со Зорица, мајката на Вања. Заминавме по снимки, во продавница, во фризерница. Газдарицата ни ги даде снимките да ги гледаме од нејзиниот мобилен телефон“, рече Трајковски.

    „Зошто вие почнавте сами да барате снимки, кога претходниот ден Александар и Зорица Ѓорчевски пријавиле кај надлежните органи?“, праша обвинителката.

    „Затоа што ништо не правеа, се однесуваат како да играат жмурка“, рече Трајковски.

    Со Александар, кој е исто така меѓу обвинетите, се чуделе зошто на џи-пи-ер-есот дава дека Вања била тука, а ја нема на снимките. Во тест проба, ја виделе подоцна на снимките Зорица како истрчува од зградата, испаничена. Барале снимки од кафаните на Боемска улица, а потоа Гоце се јавил кај другар што работи во „Сејф сити“, и разбрале оти ја нема на ниеден од правците што ги покриваат нивните безбедносни камери.

    „Како со хеликоптер да беше земена, трага немаше нигде. Ова лице од ‘Сејф сити’ ми кажа другарски, не ми даваше снимки како на органите на потрагата. Тој е херојот во оваа истрага, а други ги зедоа заслугите“, кажа Трајковски.

    Од она што го виделе на снимките, Гоце искоментирал дека „цитроенот“ е сомнителен, работи под саук и вози најбавно од сите.

    „Според димот, се гледаше дека е незагреана. Му реков дека ми е сомнителна колата. Александар кажа дека Вања нема шанса да се качи во ваква кола“, сведочеше Гоце.

    Потоа принтскрин од „цитроенот“ и од неколку други коли му пратил на другарот од „Сејф сити“. Тој го прашал Гоце откај го нашол „цитроенот“? Му кажал дека еден таков е на исчезнат велешанец, што МВР го бара цела недела. Регистерската табличка не се гледала на снимките. Но, таков тип кола стара 50 години, во Македонија има една-две.

    Обвинителката го испитува Гоце Трајковски за да докаже дека таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, бил вмешан во нејзиното киднапирање, за да ја уценуваат мајката Зорица за пари.

    Сведочењето е во тек.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира