ТАТКОТО НА СУДИЈАТА ЃОКО РИСТОВ РЕКОЛ ДЕКА КРИЕЛ ПАРИ ОД ДЕЦАТА КОГА ИСТРАЖИТЕЛИТЕ ГИ ВАДЕЛЕ ЕВРАТА ОД ЅИДОТ, СОПСТВЕНИК НА МОБИЛАРА НЕГИРА ДЕКА ОБВИНЕТИОТ ДОНЕЛ СКРШЕН ТЕЛЕФОН КАЈ НЕГО

    ТАТКОТО НА СУДИЈАТА ЃОКО РИСТОВ РЕКОЛ ДЕКА КРИЕЛ ПАРИ ОД ДЕЦАТА КОГА ИСТРАЖИТЕЛИТЕ ГИ ВАДЕЛЕ ЕВРАТА ОД ЅИДОТ, СОПСТВЕНИК НА МОБИЛАРА НЕГИРА ДЕКА ОБВИНЕТИОТ ДОНЕЛ СКРШЕН ТЕЛЕФОН КАЈ НЕГОСудијата Ристов е обвинет за кривичните дела Противправно стекнување и прикривање имот и Перење пари и други приноси од казниво дело. (Фото: СДК.МК)

    На продолжението на судскиот процес против апелациониот судија Ѓоко Ристов, обвинителката Искра Хаџивасилева повика сведок, сопственик на мобилара и вработен во МВР, кој се гледаше во очи со обвинетиот судија и негираше дека кај него влегол да поправа скршен телефон.

    Тоа е мобилниот телефон на Ристов кој обвинителството за организиран криминал не го најде, а за кој сопственикот тврди дека му се скршил. Тоа обвинителката го користи како доказ за неговото коруптивно однесување кое Ристов сака да го скрие, а кое според обвинението, довело до земање поткуп од 350.000 евра, кои беа најдени во ѕид во семејната куќа во Неготино.

    Сведокот Лазе Бонев, специјалист за сајбер-безбедност, сопственик и на мобилара, на прашање на обвинителката: „Дали обвинетиов господин Ѓоко Ристов на трети декември 2025 година дојде кај вас да поправа мобилен телефон?”, го погледна и негираше.

    „Не дошол овде господинот. Јас го дадов на истражителите списокот на примени телефони за тој ден”, кажа сведокот.

    „Дали некој друг беше на работа освен вас?”, го праша Хаџивасилева.

    „Само јас бев на трети декември на работа. Не сум примил телефон од господинот”, дециден беше сведокот.

    На вкрстено прашање од адвокатот, сведокот негираше дека го знае телефонот на Ѓоко Ристов, или него.

    „Кога не можете да поправите телефон, таквите ги евидентирате?”, продолжи адвокатот.

    „Ако дошол некој, ако се поправа телефонот, ние корисникот го евидентираме. Само што ќе дојде, го евидентираме”, одговори сведокот.

    Стана Ристов да го испрашува.

    „На трети по 19 часот дојдов, вие седевте на пултот со едно лице. Влегов со црн скршен телефон, го зедовте и ми рековте дека не може да се извлечат податоци од него”, рече обвинетиот.

    „Не се сеќавам на вакво нешто. Јас не сум ве видел никогаш, а други вработени немам”, рече сведокот.

    Обвинителката Искра Хаџивасилева поднесе до судот и докази за Марјан Стоевски за поткупот со две ослободителни пресуди за него и повлечена жалба, а другиот е сега осудениот Фехми Стафа, предмети во кои постапувал обвинетиот Ѓоко Ристов, за како што рече, да го види судот однесувањето на обвинетиот во овие предмети.

    Потоа пристапи сведокот на одбраната, Александар Варела oд Гевгелија, пријател на семејството Ристови. Адвокатот го праша дали бил во куќата на Донка и Здравко Ристови, родители на обвинетиот, за време на претресот на 17 и 18 јануари 2026 година?

    „Ми се јави брат му Ангел. Го земавме татко му од Негорски бањи и отидовме во нивниот дом. Здравко отклучи, ми беше и мене дозволено да надгледувам. Видно беше дека претходно веќе бил вршен претрес во декември, се беше испревртено. Оттогаш родителите не биле во куќата, туку на лекување во Негорци”, тврдеше сведокот кој потоа во вкрстено прашање одговори дека не ги видел лично во Негорци, така му кажале.

    Раскажуваше дека отворени биле и бочвите со вино и ракија, во печката за ракија, во резервните гуми…

    Потоа додаде дека со рентген снимале по собите горе, се симнале доле, боцкале надолу на секоја педа. Се качиле и на покривот. Мислеле дека е се завршено, но тие рекле дека ќе дојдат утредента пак.

    „Вториот ден истите соби се претресуваа. И цепените дрва се проверуваа. На крај се качија пак и се задржаа во првата соба десно. Ги проверуваа плочките во кујната. Се симнуваа по вертикала, тропаа по плочките. Цело време се вртеа околу плочките. Дури и во оставата беа фиксирани на плочките. Потоа некои дотраени плочки горе по слабо повлекување, паднаа. Извадија пет, па уште пет. Таму стоеше и сопственикот на куќата Здрaвко за да објасни дека тоа е одделна кујна, одделена со двокрилни врати. Апелираше истражителите плочките да ги вадат внимателно. Не најдоа ништо, фатија да ги вадат сите плочки. Одеднаш се појави отвор. Полицаецот праша што е ова? Здравко беше изненаден и рече:’ Ах, бидна!’“, кажа сведокот.

    Тогаш полицаецот прашал дали е дрога, дали е динамит да повикам надлежни?Здравко му кажал нема потреба, пари се.

    Го тргнале Здравко, останал сведокот и брат му на Ѓоко Ристов. Почнале да ги вадат парите во фолии.

    Здравко бил многу смирен. Го прашал зошто не им кажал веднаш на истражителите, рекол дека не знаел оти ќе одат докрај.

    „Нејќев да знаат моите деца дека кријам пари од нив”, рече пријателот на семејството Ристови.

    Сведокот процени дека службените лица многу непедантно се однесувале со парите. Додаде и дека видел на еден од истражителите му се скинала ракавицата и имал раничка, нешто за кое обвинетиот и одбраната го нарекуваат контаминирање на доказите.

    Судијата Ристов е обвинет за кривичните дела Противправно стекнување и прикривање имот и Перење пари и други приноси од казниво дело.

    Парите беа пронајдени спакувани во 13 поединечни пакувања, и тоа 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти во апоени од по 200 евра, од кои дел со обележани рачно испишани износи на средствата, скриени во заѕидан простор во шуплините од цигли во ѕид на кујната.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира