Во тетовското село Теарце по 14. пат се одржа манифестацијата „Ден на гравот“, со која организаторите сакаат да влијаат да се зголеми производството на тетовскиот грав, до неодамна најважниот производ кој го даваше Полошкото Поле. Но, за жал, од година во година тетовското гравче сè потешко се наоѓа на пазарот, а наспроти тоа, неговата цена е сè поголема.
„Со нашата манифестација сакаме да го промовираме тетовскиот грав како бренд од Полошкиот Регион. Секоја година, поради разни причини, а најмногу поради климатските промени, се намалува количината на произведен грав. Освен климатските промени, односно високите летни температури кои го сушат гравот, намалувањето е и поради тоа што многу малку луѓе останаа да садат грав на полошките ниви. Младите сè помалку имаат интерес да се занимаваат со земјоделие. Затоа со нашава манифестација сакаме да дадеме една порака до младите дека ако тие се вклучат во одгледувањето на гравот, ќе можат нешто повеќе да направат во руралните средини“, вели Метин Муареми од невладината организација ЦЕД, која е организатор на манифестацијата.
Дека на тетовските ниви има сè помалку грав, го потврдуваат и луѓето кои со години ја саделе оваа земјоделска култура.
„Јас триесет години садам грав. Секоја година сум садел по 3-4 декари, но сега едвај посадив два декара бидејќи е голема суша. Гравот треба седумпати да го вадиш за да успееш нешто да спасиш од родот, но и тоа тешко оди бидејќи каналот за наводнување е затворен, нема ред за користење на водата. Порано беше доволно гравот само двапати да го навадиме и добивав 300 до 400 килограми од декар, а сега едвај 300 килограми од два декара. Поради ова, сè повеќе се намалува бројот на производители на грав, а и нема кој да работи, младите не ја сакаат оваа работа, да садат грав“, вели Абдула Муареми од Теарце.
Манифестацијата „Ден на гравот“ има и културно-забавен карактер и учествуваат културно-уметнички друштва, а ученици продаваат храна која самите ја подготвиле. Се одржа и традиционалната изложба на стари предмети од „Најмалиот музеј на светот“ на Моне Златев, а оваа година, гости на манифестацијата беа и триесетина волонтери од Полска.
За сите учесници и гости беше организирана заедничка трпеза, на која се служеше тетовско гравче, подготвено од Круме Трпчески.
„Гравчето за манифестацијата го обезбедија жителите на Теарце, а јас го подготвив. Во овој казан има околу 18 килограми грав, што е доволно за 300 оброци. За добра порција грав првин треба добар мајстор. Потоа гравот треба да се свари, па да знаеш во кој момент кои додатоци да ги ставиш, кога да го ставиш месото, кога додатоците, а кога запршката и колку да го вариш за да испадне добар. Некои викаат дека важна е и водата, односно од каде е гравот, оттаму треба да биде и водата за неговото варење. Можеби има нешто и во тоа, но според мене, најважна е мајсторијата на готвачот“, вели Трпчески.
З. АНДОНОВ



