Претседателот на САД Доналд Трамп на својата мрежа Трут соушал објави дека се воздржува од уништувањето на Иран, откако разговарал со премиерот на Пакистан Шахбаз Шариф и шефот на пакистанскиот генералштаб, маршалот Асим Мунир.
Тој напиша дека Иран се согласил на целосно, безбедно и моментално отварање на Ормускиот теснец.
Врховниот совет за национална безбедност на Иран соопшти дека го прифаќа двонеделниот прекин на непријателствата и ќе го ослободи Ормускиот теснец со контрола од иранската војска.
Претходно, во понеделникот попладне, американскиот претседател Трамп се закани дека „цела цивилизација ќе умре вечерва и никогаш нема да се поврати“, упатувајќи му досега најсериозна закана на Иран, додека истекуваше американскиот ултиматум за склучување договор и отворање на Ормускиот Теснец.
Ултиматумот истече во 2 часот по полноќ по македонско (средноевропско) време.
„Се согласив да го одложам бомбардирањето и нападот на Иран за две недели. Ова ќе биде двострано примирје. Причината за ова е дека веќе ги имаме постигнато, дури и надминато сите воени цели и сме во поодмината фаза за постигнување долготраен мир со Иран и на Блискиот исток“, напиша Трамп.
Тој вели дека предлогот од 10 точки што го испратил Иран е добра основа за која може да се преговара.
Претходно, пакистанскиот премиер Шариф објави дека го замолил Трамп да го одложи ултиматумот до Иран за две недели, а „иранските браќа“ ги замолил да го отворат Ормускиот теснец на две недели како гест на добра волја.
Врховниот совет за национална безбедност на Иран соопшти дека ќе започне преговори со Соединетите Американски Држави во Исламабад од петок.
„Се нагласува дека ова не значи крај на војната“, се вели во соопштението. „Нашите прсти остануваат на чкрапалото, и доколку непријателот направи и најмала грешка, ќе се соочи со целосна сила.“, стои во соопштението.
Иранскиот министер за надворешни работи изјави дека преминот низ Ормускиот Теснец ќе биде дозволен во наредните две недели, под управување на иранската војска.



