Американскиот претседател Доналд Трамп беше прашан за извештаите дека иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи е убиен во воздушни напади на САД и Израел, во кратко телефонско интервју за „Ен-Би-Си Њуз“. Трамп одговори: „Сметаме дека тоа е точна приказна“.
Трамп рече дека „голем дел од раководството“ на Иран е убиено, истакнувајќи: „Не мислам на само две лица“. Тој исто така рече дека „поголемиот дел“ од високото раководство на Иран е „заминето“, вклучувајќи многу луѓе кои донесуваат одлуки.
На прашањето кој би можел сега да стане нов врховен лидер на Иран, Трамп се пошегува: „Не знам. Но, во одреден момент ќе ме повикаат да ме прашаат кого би сакал“, пред да забележи дека е „само малку саркастичен“ сугерирајќи го тоа.
Трамп, исто така, изјави за „Еј-Би-Си“ дека верува оти Хамнеи е мртов. Трамп ѝ рече на дописничката на „Еј-Би-Си“, Рејчел Скот: „Не сакам да кажам ништо дефинитивно додека не видам што се случува, но ние веруваме дека е. А голем дел од нивните лидери се мртви“.
Два часа претходно, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кажа дека Израел и САД го убиле ајатолахот Али Хамнеи, и ги повика Иранците да „излезат на улиците и да ја завршат работата“.
„Постојат сè повеќе знаци дека тиранинот повеќе не е жив“, рече Нетанјаху без експлицитно да ја потврди неговата смрт. Тој рече дека комплексот на Хамнеи е уништен, а командантите на Револуционерната гарда и високите нуклеарни функционери се убиени.
Бригадниот генерал Ефи Дефрин, портпарол на израелската војска, вели дека во нападите загинале и други високи ирански функционери. Дефрин вели дека меѓу нив биле и командантот на Корпусот на Исламската револуционерна гарда, министерот за одбрана, шефот на военото биро на врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи и секретарот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран. Дефрин вели дека Израел нападнал цели каде што се верува дека се собрани високи функционери и ќе продолжи со нападите во соработка со САД. Ниту Иран ниту САД не коментираа ниту ги потврдија израелските информации.
Ајатолахот Али Хамнеи (86), владее со Иран од 1989 година. Како врховен лидер, тој има врвна власт над сите гранки на владата, војската и судството во шиитската исламска република. Во текот на речиси четири децении, Хамнеи изгради регионална сила за да им конкурира на сунитските муслимански држави низ Заливот, промовирајќи нуклеарна технологија што го вознемируваше околниот регион.
Иран е непомирливо непријателски настроен кон САД и Израел – додека ги задушува постојаните немири дома. Но, денешните нападите врз Иран следат во услови на низа кризи. Хамнеи беше принуден да се крие лани во јуни поради напади во кои загинаа неколку блиски соработници и команданти на Револуционерната гарда. Нападите од јуни 2025 од Израел и САД уништија вредни нуклеарни и ракетни објекти. Огромните протести во јануари од огорченото население кое се мачи под санкции беа задушени по цена од илјадници животи. И откако Хамас, поддржан од Техеран, го нападна Израел на 7 октомври 2023, регионалното влијание на Хамнеи слабее.
САД и Израел денеска го нападнаа Иран, таргетирајќи ги неговите врвни лидери и повикувајќи на соборување на владата, додека Иран одговори со ракети испукани кон Израел и соседните земји од Заливот.



