ЦЕНТАРОТ ЗА КУЛТУРА АСНОМ ОД ГОСТИВАР ДИСКРИМИНИРАЛ МАКЕДОНЕЦ ПРИ ВРАБОТУВАЊЕ, ОТКРИЕНО ДЕКА ОД 34 ВРАБОТЕНИ, 26 СЕ АЛБАНЦИ И САМО 4 МАКЕДОНЦИ ВО ОВАА БУЏЕТСКА УСТАНОВА

    ЦЕНТАРОТ ЗА КУЛТУРА АСНОМ ОД ГОСТИВАР ДИСКРИМИНИРАЛ МАКЕДОНЕЦ ПРИ ВРАБОТУВАЊЕ, ОТКРИЕНО ДЕКА ОД 34 ВРАБОТЕНИ, 26 СЕ АЛБАНЦИ И САМО 4 МАКЕДОНЦИ ВО ОВАА БУЏЕТСКА УСТАНОВАКомисијата за дискриминација утврдила дека во одделот кај што конкурирал дискриминираниот човек, во библиотечната дејност за местото „библиотекарски помошник“, сите 11 вработени се Албанци. (Фото: Центар за култура АСНОМ)

    Комисијата за заштита од дискриминација утврди директна дискриминација врз гостиварчанец Македонец врз основа на етничка припадност, пристап до вработување и пол, при обид да се вработи во Национална установа Центар за култура АСНОМ, каде од 34 вработени 26 се Албанци, 4 Македонци и по двајца Турци и Роми. Во секторот уметност и култура каде конкурирал одбиениот граѓанин, од 15 вработени сите се од албанска етничка припадност.

    Граѓанинот поднел претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) зашто по интервјуто пред комисија, бил ставен на четврто место чисто зашто така одлучиле нејзините членови, без да кажат или да може некако да се утврди дека разликата од бод, два–три со кандидатките пред него, е резултат на објективно мерливи и проверливи разлики во нивните компетенции.

    Овој граѓанин успеа пред КСЗД да докаже дека е тешко дискриминиран на огласот за вработување во институцијата која брутално ги крши Уставот со правичната застапеност и дека таму пиле не може да прелета ако не е Албанец, зашто бодовите се стекнуваат со субјективност во интервјуто од страна на тие што ги интервјуираат кандидатите, а не преку мерливи разлики.

    Комисијата за дискриминација утврдила дека во одделот кај што конкурирал дискриминираниот човек, во библиотечната дејност за местото „библиотекарски помошник“, сите 11 вработени се Албанци, односно Албанки и дека само еден е маж.

    Всушност за ова место на огласот се примале тројца вработени, а врз основа на индивидуална проценка на комисијата за интервју, победиле три жени од албанска националност. Директорката на Културниот центар на Гостивар кој се финансира од државниот Буџет, само ја упатила на бодовната листа Комисијата за дискриминација, каде нема индивидуализирано образложение на квалитетот на одговорите и причините за конкретната разлика во бодовите меѓу кандидатите.

    „Начелото за соодветна и правична застапеност останува темелна вредност на уставниот поредок е релевантно за кадровското планирање, институционалните политики и следењето на структурата на вработените. Институцијата има обврска да го почитува и истовремено да гарантира еднаков пристап до секое работно место под еднакви услови. Таа не смее да гарантира по етничка припадност, ниту етничката припадност да ја претвори во услов за вработување. А кога постојат сериозни статистички и структурни индиции за етничка хомогеност, должна е да покаже дека конкретната одлука е донесена врз основа на неутрални , мерливи и проверливи критериуми“, пишува во одлуката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

    Комисијата за дискриминација донесе препораки за НУ Центар за култура АСНОМ прво да ја поништи постапката за избор на три извршители на местото „библиотекарски помошник“ и во рок од 30 дена од приемот на нејзиното мислење, да објави нов јавен оглас и да спроведе нова постапка за избор во согласност со начелата на еднаков третман, недискриминација, стручност, компетентност, транспарентност и проверливост на оценувањето. Се препорачува Националната установа да ги земе предвид и обврските од Законот за еднакви можности на жените и мажите и од Законот за спречување и заштита од дискриминација.

    КСЗД препорача при идни постапки за вработување да воспостави и примени однапред утврдени јасни, мерливи и проверливи критериуми за оценување на кандидатите во фазата на интервју, со писмено евидентирање на одговорите на кандидатите, поединечните бодови по прашање, критериумите според кои се дадени бодовите и кратко индивидуализирано образложение за оценувањето, за да нема нетранспарентно и дискриминаторско одлучување и вработување.

    Се препорачува Националната установа Центар за култура АСНОМ при кадровското планирање и спроведување на идните вработувања, да ја следи половата и етничката структура на вработените и да презема законски дозволени системски мерки за унапредување на еднаквите можности и соодветната и правична застапеност. И согласно одлуката на Уставен суд, да не се бара изјаснување за националност при интервјуирање за работа и тоа да се користи како елиминациски систем.

    НУ Центар за култура во рок од 30 дена треба да ја извести КСЗД за исполнетите препораки, во спротивно ќе биде пријавена пред надлежен суд.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира